Вашингтон – Поранешниот американски советник за национална безбедност, Џон Болтон, за албанскиот портал „Факсвеб“ изјави дека прашањето за „корекција на границата“ во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина не е негова идеја. Болтон кажал дека постоеле индиции дека претставниците на Белград и на Приштина уште во 2018 година сакале да ги „решат прашањата“, затоа што виделе дека не можат да постигнат вистински економски развој додека не се нормализираат односите.
– Беше многу контроверзно внатре во двете држави, но сметав дека вреди да се вложи напор. Една од работите за кои се зборуваше беше и можноста за размена на територии – рече Болтон. („Опсервер“)

Загреб – Во Хрватска вчера се одржаа парламентари избори, десетти по ред од независноста на државата. На изборите има 192 листи со 2.700 кандидати, од кои 41отсто жени, а просечната старост на кандидатите е 48,6 години. Право на глас на изборите имаат 3,86 милиони избирачи, кои ќе гласаат на околу 7.000 избирачки места во Хрватска и во странство. Изборите ќе ги следат речиси 8.700 набљудувачи. Редовните парламентарни избори во Хрватска требаше да се одржат во декември годинава, но поради коронавирусот се донесе одлука на избори да се излезе неколку месеци порано. („Слободна Далмација“)


Бисер балкански

Атипични избори

– Изборите беа спроведени со низа аномалии. Одзивот на гласачите беше најмал од воведувањето на повеќепартиските парламентарни избори – 47,2 отсто од запишаните избирачи. Кога би се собрале сите воочени аномалии, бројот на гласовите би претставувал втора политичка партија во парламентот. На денот на гласањето доцна попладне дојде до брз, атипичен скок на одзивот, за што влијаеја и невообичаен голем број гласања надвор од избирачките места. Тоа е рекорд, околу 3,5 отсто од гласачите гласале надвор од избирачкото место. На минатите избори гласањето дома било помало од 1,5 отсто. Неважечките ливчиња изнесуваа четири отсто и тоа е најголем процент по неколкуте изборни циклуси. Имаше и паралелни избирачки списоци, фотографирање ливчиња. Но еден нов негативен рекорд е повторувањето на гласањето во избирачки места со над 200.000 гласачи – изјави Владимир Петровиќ, шеф на набљудувачката мисија на ОФИД за оцената на последните избори во Србија, поради што смета дека е „компромитиран“ и новиот парламентарен состав.