Приштина – Косовската влада одобри нови мерки во борбата против ширењето на коронавирусот, со што денеска по 19 часот ќе се воведе полициски час во Приштина и во уште шест други општини. Економските активности ќе бидат дозволени од 5 до 18, 19 или 20 часот.  Општините Приштина, Подуево, Јужна Митровица, Пеќ, Ѓаковица, Гнилане и Урошевац се во црвената зона. Во рок од една недела имаат повеќе од 150 заразени на 100.000 жители. („Косово онлајн“)

Загреб – Премиерот Андреј Пленковиќ рече дека Хрватска, со повеќе од 3.000 новозаболени дневно, е во „најтешкиот момент на епидемијата“ и истакна дека е клучно граѓаните да ги почитуваат преземените мерки.
– Во последните седум дена имаме 5,5 проценти повеќе заразени. Тоа е важно. Овие мерки ќе доведат до намалување на растот на инфекцијата – рече Пленковиќ. („Индекс“)

Сараево – Босна и Херцеговина има на располагање „страшно и сериозно оружје“, изјавил Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција и заменик-претседател на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, при посетата на фабриката за оружје и муниција „Бинас“ во близината на Бугојно.
– Бевме присутни на презентација на нова граната со дострел од над 2.000 метри и која многу често и рафално пука. Значи, страшно оружје во рацете на Босна и Херцеговина – рече Изетбеговиќ. („Хина“)


Бисер балкански

Англиски јазик за етничката меѓа

– Во Косово, за жал, постојат два паралелни света и животот тече во два паралелни тека. Тие се вкрстуваат само на индивидуално ниво во секојдневниот живот. Тажно е младите луѓе, Срби и Албанци, да се разбираат на англиски јазик. Тие во основните и средните училишта и на факултетите не го учат јазикот на својот сосед. Меѓу нив се раѓаат пријателства. Тие седат во кафулињата, пијат и разговараат на англиски. Но тоа е недоволно да се премости огромната етничка дистанца што постои во Косово. Меѓу нас од поодамна е воспоставена граница. Нашата генерација е родена со таа меѓа. Сега е прашање како да се помине таа меѓа – изјави Стефан Филиповиќ од Центарот за помирување и толеранција од Грачаница, во разговор за Радио Слободна Европа, во емисијата „Мост“.