Суботица – Поголема група мигранти ја пробиле оградата кај српско-унгарскиот премин Хоргош-Реске 2. Унгарските гранични полицајци пукале со предупредувачки истрели. Вчераутро, околу 60 мигранти ја пробиле оградата во време кога бил затворен граничниот премин. Четири лица се уапсени. (РТС)

Приштина – Движењето Самоопределување најави продолжување на преговорите со Демократскиот сојуз на Косово, во обид да се постигне договор за формирање заедничка влада на овие две партии што победија на октомвриските парламентарни избори. Завчерашната нивна средба заврши без резултат. На новите разговори е предвидено да присуствуваат и шефицата на Канцеларијата на Европската Унија во Приштина, Наталија Апостолова, и амбасадорите на земјите од таканаречената Група Квинт, односно петте најмоќни држави акредитирани во Косово – САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија. (Б92)

Сараево – Кинеските граѓани што престојуваат и работат во БиХ, а кои моментно се наоѓаат во Кина, ќе бидат сместени во изолација по влегувањето во земјата, соопштија од Амбасадата на Народна Република Кина во Сараево. Во изјавата на Амбасадата се вели дека кинеските државјани сами предложиле иницијативи и мерки за изолација во траење од 15 дена по враќањето во БиХ, строга заштита од вируси и внимателно следење на сопствената здравствена состојба. Досега во Босна и Херцеговина не е пронајден ниеден потврден или сомнителен случај на пневмонија предизвикана од новиот коронавирус. („Кликс“).


Бисер балкански

Голема трагедија

– Не може да има голема Србија, ниту голема Албанија, може да има само голема трагедија. И наместо тие лекции добро да се научат во 1990-тите години, наместо тоа да исчезне и длабоко да се закопа, како што гледаме, нецели 30 години потоа се враќаат старите идеи на маса и нивен составен дел е големосрпскиот национализам. Тоа е нешто со што не се согласуваме и кон што покажуваме непоколеблив и цврст отпор и никогаш нема да дозволиме да помине во Црна Гора – изјави Мило Ѓукановиќ.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, за случувањата со законот за верската слобода оцени дека се злоупотребуваат граѓаните за да се урне Црна Гора.