Белград – Парламентарните и локалните избори во Србија ќе се одржат на 19 или на 26 април, изјави Александар Вучиќ. Со ова, српскиот претседател дефинитивно ја отфрли идејата за која се залагаа еден дел од опозицијата и меѓународната заедница, изборите да бидат во првата недела од мај, односно на 3 мај, што е краен законски рок, поради потребата за спроведување на измените на изборните закони договорени во дијалогот што го имаше власта со дел од опозицијата, со посредство на Европскиот парламент. (Н1)

Подгорица – Претседавачот на воениот комитет на НАТО, маршал Стјуарт Пич, изјави дека Алијансата директно се соочува со руските хибридни напади и затоа е одлучено во Црна Гора да се испрати тим за борба против хибридните закани за оваа балканска земја. (РТЦГ)

Тирана – Политичките претставници на Албанците од трите општини од југот на Србија потпишаа во Тирана спогодба за заеднички настап на претстојните парламентарни избори во Србија. Формирањето на заедничката листа е засновано на јасни програмски принципи, а таа ќе го носи називот „Албанска демократска алтернатива – Обединета долина“. Спогодбата ја потпишаа претставници на Странската за демократска акција, Алтернатива за промени, Демократската партија, реформското движење ДПА и движењето Демократски напредок. („Топ ченел“)


Бисер балкански

Претседател без лента
– Немам намера да носам претседателска лента. Тоа ќе биде без стража, без гарда, тоа е работно место. Не станува збор за тоа да бидам поинаков од моите претходници. Никому не му забележувам. Едноставно, сметам дека тоа треба да биде попримерно. Тоа е еден чин, за преземање должност, давање заклетва. Тоа ќе биде тој ден во канцеларијата на претседателот на Пантовчак, во работните простории. Ќе ги повикам оние за кои сметам дека треба да бидат присутни. Мислам на потесниот состав на Владата, Уставниот суд, актуелната претседателка, началникот на Генералштабот и луѓе вклучени во мојата изборна кампања – Зоран Милановиќ, новоизбраниот претседател на Хрватска, за неговиот предлог церемонијата за преземање на функцијата од актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, наместо на свечена церемонија на градскиот плоштад во Загреб, да се одржи во работните простории на претседателот на државата.