Софија – Во Бугарија за 30 отсто поскапело свинското месо во однос на лани, а неколку дена пред Божиќ цената продолжува да расте. Една од причините е африканската чума, која доведе до уништување на илјадници свињи во бугарските фарми. Во земјата се увезува поевтино свинско месо, најмногу од Шпанија. („Нова“)
Загреб – Од 2020 година стапува во сила новиот закон за државјанство, со кој треба да се олесни добивањето државјанство за потомците и иселените Хрвати. Тие со хрватски пасош може да се стекнат и без познавање на хрватскиот јазик и латиничното писмо, на хрватската култура и на општественото уредување на РХ. Досега со државјанство можеа да се стекнат потомците до трето колено, а со измените тоа право е неограничено. („Вечерњи“)
Белград – Реформата на правосудството во 2010 година ги чинеше граѓаните на Србија најмалку 44 милиони евра, кои биле исплатени по основа на отштета на судиите и обвинителите што со реформите незаконски останале без работа. Со одлука на Уставниот суд, на работа биле вратени 836 судии и околу 75 заменик- јавни обвинители, кои ја тужеле државата за надомест на изгубените плати, а некои и за претрпена душевна болка. („Новости“)