Атина – Два турски авиони „Ф-4“ и „Ф-16“ вчера прелетале над островите Макрониси и Атропофаги, кои припаѓаат на грчкиот островски архипелаг Фурни. Според наводите на Генералштабот на армијата на Грција, турските авиони навлегле во грчкиот воздушен простор во околу десет часот претпладне, без да го најават планот на летање. (АНА)

Сараево – По 24 години од воените судири во Босна и Херцеговина, на нејзина територија има околу 8.050 сомнителни и опасни подрачја поради поставени мини, на површина од 995 квадратни километри и 917 потврдени опасни подрачја, со површина од 22 квадратни километри. БиХ во последните пет години успеа да деминира простор од 158 квадратни километри, со што се уништени 8.992 мини и 9.992 други експлозивни направи. (Српскаинфо)

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика на донаторска конференција на муслиманските земји за да ѝ се помогне на Албанија да се справи со последиците од катастрофален земјотрес. (АП)

Загреб – Во последните неколку години во Хрватска е забележан тренд на намалување на опивањето на тинејџерите, иако е сè уште висок процентот на младите луѓе што повеќепати во животот се опиле, објави Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ), повикувајќи се на меѓународно истражување за здравственото однесување на учениците.
Истражувањето спроведено минатата година, покажува дека во Хрватска 30,9 отсто од тинејџерите на возраст од 15 години и 18,7 отсто од тинејџерките на истата возраст се опиле повеќе пати. („Вечерњи лист“)


Бисер балкански

Непристојна понуда
– Искрено, размислував неколку дена за тоа, но си реков дека не можам да го сторам тоа. Сѐ ми се згади, особено по плукањето на кое бев изложен на белградските избори. Интуицијата ми кажуваше дека не треба да одам на изборите, но не ја послушав. Можеби сега треба да се обидам. Размислувам во тој правец, создавам некаков концепт во главата. Кога би влегол во парламентот, би добил некаков вид легитимитет, а наедно како пратеник би обезбедил материјална сигурност за себе и за своето семејство. Нема да морам да ринтам и да кршам ’рбет, туку убаво би примал плата за да ги заебавам сите – Лука Максимовиќ, познат како Љубиша Прелетевиќ-Бели, кој на претседателските избори освои 350.000 гласа, за непристојната понуда да формира партија, за да ги одвлече гласовите на опозицијата.