Загреб – Во Хрватска лани пристигнале околу 1,7 милијарда евра од приватни дознаки на хрватски државјани што работат во странство, а од земјата кон други држави се испратени 417 милиони евра. За една година девизните трансфери се зголемиле за 75 милиони евра, а Хрватска е четврта земја во Европа по нето-износот на девизните дознаки. (Евростат)
Приштина – Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, повторно ги критикуваше Албанија и премиерот Еди Рама за присуството на тројната средба во Охрид посветена на балканскиот мини-шенген. Курти вели дека проектот, започнат во Нови Сад и продолжен во Охрид, не само што бил брз и погрешен, туку Албанија требало да го започне со Приштина, а не со Белград. (Танјуг)
Подгорица – Речиси една третина од вкупниот број дипломи до 2018 година, кои пристигнувале во Црна Гора, се од странство и тоа претежно од соседните земји. Половина од овие дипломи се од приватните универзитети. Годишно се признаваат околу 2.000 дипломи од странство. („Вијести“)
Сплит – Нивото на водата во Јадранско Море во Хрватска е најголемо од 1955 година. Нивото на морето кај Сплит, поради обилните врнежи, е зголемено за 1,5 метар над мареографската нула или 91 сантиметар на средно ниво. („Слободна Далмација“)
Бисер балкански
Непожелен гостин
– Несомнено моето заминување во Хрватска и застапување на српската политика ќе ми донесеше значајни поени во Србија. Но имав предвид што е за мене најважен дел на политиката што ја претставувам, а тоа е подавање рака и отворена врата за подобри односи меѓу Србите и Хрватите, меѓу Србија и Хрватска во иднина. На ниеден начин не сакам да учествувам на дополнително влошување на состојбата на Србите во Република Хрватска. Моето недоаѓање, сфатете го како доказ на силата и желбата да ги менуваме работите на подобро, а не е доказ на мојата слабост – Александар Вучиќ, српскиот претседател во писмото во кое го информира претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол дека нема да присуствува на конгресот на ЕПП во Загреб, поради медиумската хајка против неговото присуство во Загреб, која се води деновиве во Хрватска.