Солун – Грчката полиција притворила 12 лица вмешани во трговија со бебиња, а меѓу притворените има адвокати, нотари и лекари и неколкумина Бугари, кои за нелегално присвојување наплаќале до 25.000 евра од бебе, јавуваат бугарските и грчките медиуми.
Приштина – На полноќ почнува предизборната кампања за предвремените парламентарни избори на Косово, која ќе трае до 4 октомври, додека на изборите учествуваат 20 партии, четири коалиции и еден независен кандидат од бошњачката заедница. (РСЕ)
Бања Лука – Опозициските пратеници во Народното собрание на Република Српска ги повикаа граѓаните на протест на 27 септември, за да се искаже незадоволство од најавеното поскапување на електричната енергија во српскиот ентитет. (РТС)
Белград – Парната локомотива што го влечеше Титовиот „Син воз“ по југословенските железници, деновиве прославува 135 години, пропаѓа под забот на времето, на слепиот колосек на главната железничка станица во Белград. (Политика)
Сараево – Членот на Претседателството на БиХ од редот на хрватскиот народ Жељко Комшиќ му порача на Милорад Додик дека нема да отстапи од политичките и демократски начини за да го спречи својот српски колега во намерите да произведува кризи и натамошна милитаризација и дестабилизација на земјата, по формирањето на посебната жандармерска единица во Република Српска. (Аваз)
Бисер балкански
Ангели и светци
– Што се однесува за Србите и Србија, малку имаме од тоа да се „испереме“, не сме ангели, ни светци. Дали имало наши луѓе што вршеле злосторство? Да. Не сме ангели и светци, а во однос на нив сме и ангели и светци. Ние не го правевме Јасеновац туку тие. Нема зошто тие да нѐ враќаат во минатото. Ние сакаме да зборуваме за иднината, но ако сакаат да зборуваат за минатото тие се во тешка состојба – Александар Вучиќ, претседател на Република Србија за коментарот на претседателскиот кандидат во Хрватска, Мирослав Шкоро, дека српскиот претседател говори за иднината, зашто има проблем да се сеќава на минатото.