Софија – Комитетот за петиции на Европскиот парламент ја разгледа и ја прифати петицијата на бугарскиот новинар Михаил Михајлов за поддршка на Македонија и на македонското малцинство во Бугарија и против кршењето на граѓанските права во земјата. Во реакцијата на одговорот, Михајлов изразува задоволството од прифаќањето на неговата петиција и надеж дека тоа ќе им даде дополнителен поттик на политичките партии во Бугарија „да ги почитуваат човековите права и правото на национално самоопределување, како и да дадат зелено светло за членство на Македонија во Европската Унија“. („Република“)

Атина – Грција вчера беше без вести и информативни емисии на радијата и телевизиите поради 24-часовниот штрајк што од шест часот утрово го почнаа вработените во медиумите, а со тоа Здружението на новинари учествува во генералниот штрајк закажан од Синдикатот на вработените во приватниот сектор. Освен новинарите, во штрајкот учествуваат и техничарите, во приватните и државните медиуми, државната новинска агенција АНА-МПА прекина да дистрибуира вести. (МИА)


Бисер балкански

Коронавирус, пиво и сендвичи, омраза!

– Во Хрватска ништо не се случува спонтано. Момците немаат куна во џебот. За пиво и сендвич ќе врескаат сѐ што ќе им текне на нарачателите. Кои се нарачателите нема да дознаеме. Што овде навистина би требало да биде важна вест. Дневно од коронавирусот умира полн автобус луѓе, од тие поголемите… Луѓето умираат од глад, доволно им е од коронавирусот и карантини, нема култура, ни хемотерапија, нема работа, нема надеж, има само криминалци на власт, кои меѓу себе го делат пленот, а тој е сѐ помал… И потоа, каква бламажа, некои таму кретени извикуваат: „Убиј, убиј го Србинот“, а тоа во Хрватска станува вест – пишува Ведрана Рудан, хрватска писателка, во својата колумна во која порачува дека главната вест не треба да бидат лицата што учествувале во инцидентот во Борово Село, каде што група навивачи извикуваа пароли што потикнуваат меѓуетничка омраза.