Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека вчерашниот ден е најтешкиот ден и дека секој нареден ќе биде уште потежок. Тој додаде дека утрото починале 47 лица. Српските болници примаат 10.000 граѓани на ден, а вчера во Нови Сад беше прогласена вонредна состојба поради влошената епидемиолошка состојба. (РТС)

Приштина – Судијката Екатерина Трендафилова повторно е назначена за претседател на Специјалните совети на Косово со седиште во Хаг (попознати како Суд за злосторства на ОВК), со мандат од четири години. По тој повод, Трендафилова изрази благодарност за довербата и можноста да ја продолжи својата работа во Специјалните совети во време кога институцијата влегува во нова фаза и се подготвува да почне кривични постапки. („Опсервер“)

Атина – Постојните рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот се продолжуваат до понеделник, 7 декември, во 6 часот наутро, соопшти портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас. Според тоа, карантинот во Грција, наместо на 30 ноември, ќе заврши една седмица подоцна. („Локално“)


Бисер балкански

Југословенските филмови се најдобра класика

– Доколку се суди според хрватската критика, сѐ што во домашниот филм е значајно – се случило во Југославија. Сѐ што е најважно во хрватскиот филм е во еден временски краток период од половината на педесеттите до седумдесеттите години од минатиот век. Ова може да се заклучи од резултатите од анкетата за најдобрите хрватски филмови во избор на филмските критичари што се објавени неделава. Во изборот доминираат филмовите што настанале од 1955 и од 1980 г. На листата од триесет најдобри филмови во три категории, само три настанале по 1990 година. Треба да се каже дека тоа не е само кај нас. Разни анкети во светот покажуваат дека филмската критика е силно затворена кон филмовите што се снимани по 1970 година. Новите филмови тешко го добиваат статусот на класика, а на првите места редовно се наоѓаат филмовите од 1940-тите и 1960-тите – пишува во рецензијата на Јурица Павичиќ што е објавена во „Јутарњи весник“.