Атина – Од изминатиот викенд до 30 ноември, Грција ќе биде во целосен карантин. Во овој период граѓаните ќе можат да се движат само со претходно испратена СМС, и тоа во случај на потреба од здравствени или прехранбени причини. Малопродажните продавници, угостителските објекти, театрите, ноќните клубови, средните училишта и универзитетите ставија клуч на вратите. Основните училишта и градинките ќе останат отворени во наредниот период. Најавата за долгиот карантин предизвика протести и немири во повеќе градови во Грција. („Катимерини“)
Сараево – Во Босна и Херцеговина во последното деноноќие се регистрирани 1.741 новозаразен, а пријавени се 31 смртен случај од компликации предизвикани од ковид-19. Вкупниот број на смртни случаи во Федерацијата БиХ е 920. („Аваз“)
Подгорица – На Балканот можат да се најдат сите видови малокалибарско и воено оружје, вклучувајќи противтенковско оружје, експлозив, минофрлачи, рачни ракетни ласери и лесни противавионски топови, се наведува во „Глобална иницијатива“.
Повеќе од три милиони парчиња незаконско оружје се наоѓаат во шест балкански земји. Во просек тоа се 30 парчиња на 100 жители.
Истражувањата за малокалибарско оружје покажува дека во 2017 година Србија и Црна Гора, секоја со по 39 парчиња оружје на 100 жители, се рангирани на третото место во светот и први во Европа по бројот на оружје во цивилен посед.
Босна и Херцеговина е на петтото место во Европа и на деветтото во светот, Македонија е на седмото во Европа и на 13-то во светот, а Косово е на 11-то во Европа и на 16-то во светот. („Блиц“)
Загреб – Според најновите информации, во Хрватска во изминатите 24 часа се регистрирани 2.543 новозаразени од ковид-19 и 42 смртни случаи како резултат на компликации од оваа респираторна болест. Во моментов има 1.396 пациенти на болничко лекување, од кои 145 се на респиратори. („Индекс“)