Подгорица – Шефот на информативниот деск на Телевизија Црна Гора, Бојан Терзиќ, поднесе оставка од таа позиција поради незадоволство од информативната програма на телевизијата.
Во барањето упатено до генералниот директор на РТЦГ, тој истакна дека долго време не се согласува со тоа како изгледа информативната програма на ТВЦГ, посочувајќи дека одредени теми биле третирани на крајно несоодветен начин. („Вијести“)
Белград – Министерството за надворешни работи на Србија го повика амбасадорот на Албанија во Србија, Илир Бочка, поради врачување нота, во која е изразен остар протест по повод изјавите дадени за време на неодамнешната заедничка седница на владите на Албанија и на Косово, кои имплицираат создавање на т.н. голема Албанија. Протестната нота е во врска со изјавите од седницата одржана на 2 октомври во Тирана и првенствено се однесува на онаа за укинувањето на границата меѓу Албанија и Косово. (РТС)
Тирана – По земјотресот што беше регистриран малку по полноќ во Албанија, со интензитет од 4,9 степени по Рихтеровата скала, евидентирани се последователни 42 други потреси. Сеизмологот Реџеп Кочи ги смирува граѓаните, истакнувајќи дека „не станува збор за случај од кој треба да се плашат“.
Во катастрофалниот земјотрес што се случи утрото на 26 ноември, со интензитет од 6,4 степени, кој предизвика огромна материјална штета, загинаа 51, а повредени беа околу две илјади луѓе. („Опсервер“)
Бисер балкански
Корона-амнестија
Албанската влада донесе одлука со која до 15-ти идниот месец на граѓаните ќе им бидат вратени парите за казните, одземените лиценци за работа, возачките дозволи и возилата – санкции што биле изречени во периодот на пандемијата поради непочитување на пропишаните мерки.
Нормативниот акт предвидува простување на сите административни мерки од казнена природа изречени од релевантните државни органи за кршење на правилата или подзаконските акти издадени во рамките на мерките преземени за спречување и борба против ковид-19, од 17 април до 7 октомври годинава.
Им се простуваат сите административни мерки издадени од структурите на единиците на локалната самоуправа на семејствата погодени од природни катастрофи, односно земјотресите од 21 септември и 26 ноември 2019 година, за откриени прекршоци при реконструкција на индивидуални куќи. (МИА)