Атина – Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, оцени дека „провокациите од Турција“, со која неговата земја е во спор за разграничување на зоните на експлоатација на нафта и гас во источното Средоземно Море, „повеќе не можат да се толерираат“.
– Грција е апсолутно задоволна од заклучоците на Самитот и очекуваме, колку што е можно побрзо почеток на прелиминарните контакти со Турција, за кои и двете страни се обврзаа – рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел. (МИА)
Белград – Првата електронска читалница за слепи лица, лица со оштетен вид и лица со попреченост во регионот започна со работа во студентскиот дом „Мика Митровиќ“ во Белград. Студентите ќе имаат пристап до технологии што ќе им овозможат полесно да учат, но и приватност во комуникацијата и удобно користење на сите можности на современата компјутерска технологија и на интернетот. Слепите студенти ќе имаат пристап до камера и софтвер што може да „препознае“ печатен текст и да го прочита, а потоа и да го зачува како текст или аудиодокумент.
(„Новости“)
Софија – Првпат, Европската комисија објави извештај со анализа на владеењето на правото во сите земји на ЕУ, во кој забележа многу проблеми кога станува збор за Бугарија. По објавувањето на извештајот на ЕК, тамошниот претседател Румен Радев посочи дека тоа, според него, е доказ дека Владата не добива европска поддршка поради неуспехот во борбата против корупцијата. („Либертас“)
Бисер балкански
Косово де факто со пристаниште
– Нашата амбиција е да ја отстраниме границата меѓу Албанија и Косово. Верувам дека е важно за министрите за внатрешни работи на двете земји да ја засилат својата работа за да овозможат контрола во граничниот премин во реално време, што ќе ни овозможи конечно да ја отвориме границата без загуби во фронтот против нелегалните активности и против каква било форма на злоупотреба на слободата на движење – рече албанскиот премиер Еди Рама, пред почетокот на седницата на албанската и косовската влада, што се одржа вчера во Конгресната палата во Тирана.
Договорот што ќе се потпише наскоро ќе ги олесни царинските процедури меѓу двете земји и води кон крајната дестинација, трансформација на пристаништето Драч во, де факто, пристаниште на Косово, појасни Рама.