Белград – За време на завчерашното невреме во Белград, надојдената вода ги поплави улиците и подрумите во повеќе објекти во главниот град на Србија. Во повеќе случаи полицијата извлекуваше лица заглавени во своите автомобили. Според податоците од управата за хидрометеорологија, завчера во периодот од 17 до 20 часот паднале 52 литри вода на квадрат. (Б92)
Атина – Договор за разграничување на ексклузивната економска морска зона меѓу двете земји потпишаа министрите за надворешни работи на Грција и Италија, Никос Дендиас и Луиџи ди Маио, на нивната средба во грчкото МНР. Шефовите на грчката и италијанската дипломатија разговараа за темите од билатерален, европски и регионален интерес. (МИА)
Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама, коментирајќи ја економската ситуација во земјата, како последица на панедмијата на ковид-19, рече дека до почетокот на мај 70.000 работници останале без работа.
– Владата не предвидува колкав може да биде бројот на невработени. Она што го знам е дека обезбеди плата за околу 230.000 лица. Имаме 4.500 субјекти што ќе бидат казнети бидејќи не аплицирале ние да им обезбедиме плата за вработените. До почетокот на мај имавме 70.000 лица што го изгубиле работното место, но некои од нив веќе се вратија на работа – рече Рама. („Топ-чанел“)
Бисер Балкански
Комунисти и монархисти
Републичката изборна комисија на Србија ја одби жалбата на групата на граѓани „Социјализмот единствен излез НПКЈ СКОЈ“, во која се бараше продолжување на рокот за отстранување на недостатоците на изборната листа што беше поднесена за учество на парламентарните избори во Србија. Подносителите на листата за пратеници од комунистичката партија најавија дека ќе се обратат со жалба до Управниот суд на Србија.
Во исто време, претставници на коалицијата „За кралевина Србија“ во предизборните настапи во Сомбор, на средба со локалното население, разговарале за начините за надминување и ублажување на економските последици од корона-кризата. Од оваа коалиција најавија дека во „кралството Србија земјоделството ќе биде главна стопанска гранка, во која ќе се вложува трипати повеќе од сега“.