Белград – Претседателот на САД, Доналд Трамп, го именува Ричард Гренел за специјален претседателски претставник за преговорите меѓу Белград и Приштина. Тој е актуелен американски амбасадор во Германија и, според медиумите, би требало истовремено да ги извршува двете функции. (Танјуг)
Атина – Праќањето турски брод за дупчење нафта во подрачјето на кипарската престолнина Никозија, лиценцирано за истражување јаглеводород, претставува опасна ескалација во акциите на Анкара, кои ги кршат суверените права на Кипар. Инаку, властите на грчкиот дел на островот веќе им доделија права за истражување на италијански и на француски компании.
Берат – Единствениот музеј на еврејската историја во Албанија повторно беше отворен во овој град, благодарение на бизнисменот што го спаси од затворање. Малиот „Соломонски музеј“, кој ја раскажува приказната како муслиманските и христијанските Албанци засолниле стотици Евреи за време на холокаустот, беше страстен проект на локалниот професор Симон Врушо. (АФП)
Загреб – Ниеден испит од државната матура во Хрватска не е решен со 100 отсто, а просечната оценка на учениците што го поминале испитот е добар. Поради слабите резултати Министерството за образование на Хрватска предлага есејот повеќе да не се оценува посебно од државната матура. (ХТВ)
Приштина – Косовската полиција го уапси лицето со иницијали Р.Д., кое е осомничено за кривичното дело воени злосторства против цивилното население и за дела спротивни на членот 142 од Кривичниот закон на поранешна СФРЈ и Женевската конвенција. (РТС)
Бисер балкански
Што е комунизам?
– Ниедна земја не била комунистичка. Комунизмот беше една мегаидеја, која бараше правда токму меѓу оние што биле експлоатирани. Таа идеја беше поттик за многу да се вклучат во работничкото движење и преку социјализмот да дојдат до комунизмот. Денеска ги имаме и оние што со комунизмот го плашат светот, но ги плашат и луѓето на нашите простори. Но таа идеја е неостварлива. Ние никогаш не сме биле зад Железната завеса. Баучот од фашизам кружи над Европа и над нашите простори. Значи, тој не е идеја. Од мал простор може да се шири. Поради тоа секој обид за фашизација и усташизација треба да се прекине – Стјепан Месиќ, поранешен претседател на Хрватска, како одговор на изјавата на актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, дадена при посетата на Чешка и Романија, кога таа рече дека „тие добро се познаваат затоа што заедно биле зад железната заедница“.