Загреб – Правобранителката за деца во Хрватска, Хелена Пирнат Драгичевиќ, предлага измени на Казнениот закон за заштита од сексуално насилство и грубо занемарување на родителската грижа за здравјето на децата, што подразбира и изрекување затворски казни за родителите што одбиваат да ги вакцинираат своите деца. („Индекс“)
Сараево – Вчерашната седница на Советот на министри на Босна и Херцеговина не се одржа, поради присуството само на тројца министри и на претседавачот Денис Звиздиќ, а за попладне била закажана телефонска седница, на која требало да се разгледува одлуката за прекувремено финансирање на институциите на БиХ до крајот на годината, што произлезе од политичката криза и разидувањето на етничките партии околу конституирањето на федералната власт.
Приштина – Претседателот на Алијансата за ново Косово, Беџет Пацоли, јавно призна дека користел сопствени средства за лобирање за признавање на независноста на Косово, додека бил во опозиција, а со тоа овозможил 43 признавања. (РТК)
Белград – Претседателката на Комитетот на Европскиот парламент за стабилизација и асоцијација на Европската Унија, Тања Фајон, коментирајќи го најавениот бојкот на српската опозиција, изјави дека секојпат кога некој ќе бојкотира избори се отвора легитимното прашање колку изборите се фер и демократски, а како што нагласи таа секогаш би поддржала да имаме здрава опозиција, да се кандидира на изборите, да се најде некое решение. (Танјуг)
Атина – Наскоро се очекува да започне да работи првиот крематориум во Грција во сопственост на приватна фирма, а ќе биде отворен во областа Рицона во близината на островот Евија, кремирањето ќе чини 600 евра, а досега за оваа услуга Грците заминуваа во странство.
Бисер балкански
„Срби – НЕ“
– Продавам куќа, 140 квадрати и 10 ари плац, село Бела Вода, Крушевац, легализација извршена. Купувачи: Шиптари, муслимани. СРБИ – НЕ! – оглас на Милена Николиќ, која за „Новости“ вели дека огласот го дала од инает и поради фактот дека го изгубила спорот со соседот, со кого се тужела затоа што сметала дека вревата што доаѓа од соседот, кој обработува камен е преголема, а за изгубениот спор што се води од 2011 година сега мора да плати 180.000 динари на име судски трошоци.