Тирана – Албанија е пред прогласување епидемија на грип, додека поради компликации од грипот починале две лица, потврди Силва Бино, раководителка на Одделот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје. Според неа, само во изминатата недела, околу 25.000 луѓе побарале лекарска помош поради проблеми со дишните патишта. Во меѓувреме, две лица починале поради компликации од грипот. (МИА)
Подгорица – Црногорските власти не дозволија српска воена делегација, предводена од министерот Александар Вулин, да влезе во Црна Гора во српски униформи. Вулин е жесток критичар на црногорските власти, особено по донесувањето на Законот за слобода на религија, против кој се Српската православна црква и дел од верниците во Црна Гора. („Новости“)
Атина – Грција планира да ги искористи законските овластувања за итни ситуации за изградба на емигрантски центри на пет острови. Планирана е изградба на нови објекти на Лезбос и уште четири острови на источниот дел на Егејско Море, за со нив на крајот да се заменат постојните кампови, кои се пренатрупани, изјави портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас („Асошиејтед прес“)
Тирана – Премиерот на Албанија Еди Рама, по средбата со косовскиот премиер Албин Курти, во Тирана изјави дека на средбата е разговарано за битни прашања, кои се во интерес на Тирана и Приштина, но и регионот во целина.
– Нема албански макрошенген, без балкански мини-шенген – изјави Рама на прес конференцијата. („Либертас“)
Бисер балкански
Лекс канабис
– Секоја полнолетна личност може за своите потреби да одгледува до девет женски билки во полн цвет со високо присуство на ТХЦ. Со специјалниот закон се предвидува целосна легализација и либерализација на прометот со коноп, за користење во економски и рекреативни медицински цели. Одгледувањето коноп има голем стопански потенцијал, го чисти земјиштето од јаглерод диоксидот, важен е и за борба против климатските промени. Економската корист е голема, како и за развивање на науката, за производство на козметика, хартија… – вели Мирела Холи, хрватска политичарка од партијата СДП, која иницираше јавна расправа за носење посебен закон за одгледување и легализација на употребата на марихуаната.