Атина – Непознати лица фрлиле експлозивна направа во паркираниот автомобил на издавачот на грчкиот весник „Парасинио“, Никос Караманлис. Од експлозијата никој не бил повреден, а била предизвикана материјална штета кај возилото. (МИА)

Тирана – Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша, најави дека „ќе има нови политички вести и случувања следните денови“. Оваа изјава тој ја даде по средбата со американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, која следуваше по средбата на Баша со делегацијата на Советот на Европа. („Нетпрес“)

Белград – Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада, Марко Ѓуриќ, изјави дека Аљбин Курти не сака никаков договор со Србија, туку „понижувачка капитулација“. Ѓуриќ истакна дека тоа „никогаш нема да се случи“.
– Албин Курти со сопствените зборови докажа дека не сака никаков договор со Србија, дека не сака ни вистински разговор, туку дека единственото што сака е понижувачка капитулација на Србија – рече Ѓуриќ.
Курти изјави дека не може да има договор со Србија ако нејзиниот пристап е дека таа во преговорите мора нешто да добие. („Танјуг“)

Атина – Секој што нема да поседува потврда/легитимација издадена од Министерството за миграција и азил на Грција, нема да може да врши активности поврзани со бегалците и мигрантите, како во камповите, така и на крајбрежјето. („Локално“)


Бисер балкански

Етничка статистика

На анкетното прашање колку мигранти има во Босна и Херцеговина, мнозинството Срби, односно 36 отсто, одговориле дека оваа бројка се движи меѓу пет и десет илјади. Околу 40 отсто од Хрватите сметаат дека има меѓу три и пет илјади – покажале резултатите на неодамнешното истражување спроведено од агенцијата „Прима комуникации“. Заклучокот од ова истражување е дека Србите се подобро информирани од Хрватите, кај кои има поделени ставови, кога е во прашање пристигнувањето на мигрантите во БиХ.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), во БиХ моментално престојуваат од шест до седум илјади мигранти. Меѓу, оптимистите што веруваат дека нема повеќе мигранти од три илјади нема припадници од хрватската етничка заедница.