Приштина – Специјалниот претставник на претседателот на САД за дијалогот Белград – Приштина, Ричард Гренел, ја повика новата косовска влада веднаш да ги укине таксите на српските производи, кои се причина за блокирање на преговорите.
Гренел, кој наедно е и американски амбасадор во Германија, истакна дека САД „јасно им ставиле до знаење на лидерите на партиите во Косово дека укинувањето на таксите е во најдобар интерес на Косово“. (МИА)

Софија – Со претседателот Румен Радев немаме никакви заеднички точки, освен бесмислените консултативни совети, каде што никогаш ништо не се реши. Претседателот, всушност, ќе ми ја олесни работата, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.
– Уште во декември кажав дека тој за мене не е претседател, туку разединувач на нацијата. Тој го зборува тоа што БСП и ДПС го кажуваат – рече Борисов и посочи дека однесувањето на Радев не е државничко.
Претседателот Радев претходно рече дека и официјално нема доверба во Владата, која не дејствува во интерес на бугарските граѓани. (БГНЕС)

Сараево – Распишани се потерници по 47 лица обвинети за воени злосторства, извршени за време на војната во БиХ, 1992-1995 година, од кои 25 се надвор од земјата, велат за БИРН од Судот на БиХ. („Призма“)


Бисер балкански

Прва жена и прв гостин

– Меѓусебно почитување и коректен јазик ќе биде примерот што ќе им го дадеме на граѓаните. Од утре сите заедно ќе работиме за да ги решиме сите проблеми на граѓаните – изјави Вјоса Османи, од Демократскиот сојуз на Косово, која е првата жена избрана за нова претседателка на Собранието на Косово.
Новоизбраната претседателка на косовскиот парламент, Вјоса Османи, на првиот ден од новата функција од својата канцеларија ја отстрани фотографијата на Хашим Тачи, актуелниот претседател на Косово, и на негово место го стави портретот на првиот косовски претседател Ибрахим Ругова.
Првиот гостин во нејзиниот кабинет беше американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, пренесе приштинска „Газета експрес“.