ГРЦИЈА

Грчкото министерство за труд подготвува 14 мерки, меѓу кои и додаток од 2.000 евра, за новите родители од јануари 2020 година. Меѓу мерките е и заштита од отпуштање од работа од 24 месеци по породувањето, како и воведување анонимно породување за намалување на бројот на напуштање новороденчиња.

Ако итно не се преземат мерки за стопирање на ниската стапка на наталитет, до 2050 година населението во Грција ќе се движи помеѓу 8,3 и 10 милиони, со просечна возраст 47-50 години, додека луѓето над 65 години ќе бидат 30-33 отсто од населението, според научниот извештај вклучен во парламентарната комисија за демографијата. До крајот на следните 20 години, во 2035 година, населението во Грција ќе се движи од 9,5 до 10,4 милиони, пишува „Риал њус“.
Грција има најголем број абортуси во Европа и е трета во светот, со околу 250 илјади абортуси годишно.

Во пакетот мерки што ќе ги преземе грчката влада се и: доделување стипендии за нови мајки што се студентки, можност за избор кога ќе се искористи породилното отсуство, за родителите што нема да најдат место за нивното дете во државна градинка ќе се доделуваат купони од 180 евра за десет месеци, продолжување на работното време на градинките, воведување статус доверливо, односно анонимно породување за да се елиминираат случаи на опасни породувања и напуштање новороденчиња, преземање иницијативи за ограничување на несаканите бремености преку сексуално образование и информирање за начините на контрацепција, зголемување, од 18 на 24 месеци, на заштитата од отпуштање по породувањето.