Верзијата на конечниот договор помеѓу Косово и Србија доспеа во јавност преку социјалните мрежи, тврди Независната балканска новинска агенција (ИБНА). Албанските и српските медиуми објавуваат дека спогодбата со 22 точки, наводно, е подготвена од Вашингтон, Париз и од Москва. Според неа се предвидуваат влез на Косово во Обединетите нации и промена на границите, додека на Србија и се ветува влез во ЕУ.
Косовска Митровица би станала слободна зона, додека рударскиот комбинат „Трепча“, за кој се проценува дека поседува природни ресурси вредни околу 500 милијарди евра, би добил специјален статус. Здружен американско-француско-кинески конзорциум ќе го експлоатира рудникот во период од 99 години. Митровица би добила 15 отсто од приходите, Србија 35 отсто, а 50 отсто би се слеале во буџетот на Косово.
Општина Прешево, која е на југот на Србија, би му припаднала на Косово, а Бујановац би имал специјален статус. Градот би добил тричлен совет и собрание со 30 члена. Буџетот на Бујановац би бил финансиран од Србија, Косово и од ЕУ. Градот би станал и слободна даночна зона.
Воената база „Југ“ во близина на Бујановац би станала американска, но со мешан состав. Половина од 1.700-те војници би биле Срби, а половина Албанци, со цивилен надзор и советнички статус. Коридорот би бил под заштита на НАТО во следните 15 години, а сите страни би можеле да се движат слободно во него.
Седумдесет и пет отсто од струјната мрежа би му припаднала на Косово, а 25 отсто на Србија. Енергетскиот сектор би бил управуван од САД, Австрија и од Германија.
Пеќката патријаршија и српските цркви на Косово би добиле екстратериторијален статус на Косово.
Се очекува договорот да биде гарантиран од Советот за безбедност на Обединетите нации, ЕУ и од НАТО, откако ќе биде комплетиран на 15 мај. Се очекува конечниот договор да биде потпишан во периодот помеѓу 28 јуни и 13 јули. Косовскиот и српскиот парламент би го ратификувале договорот и би извршиле уставни промени до октомври. Имплементацијата на спогодбата би почнала на 1 ноември.
Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна ги отфрли тврдењата за постигнат договор, додека уште нема коментар од властите во Приштина.