Косово

Во медиумите продолжуваат коментарите за ненадејната оставка на косовскиот премиер, а една од причините се споменува и намерата за одложување на дијалогот меѓу Белград и Приштина на неопределено време

Косовскиот премиер во заминување, Рамуш Харадинај, отпатува за Хаг, каде што e повикан од страна на Специјалниот суд за распит во својство на осомничен за воени злосторства во Косово. Харадинај е повикан во својство на осомничен и тој поради поканата поднесе оставка од премиерската функција, нагласувајќи дека пред судот сака да се појави како граѓанин, а не како премиер на Република Косово. Покрај Харадинај, пред судот исказ ќе даде и поранешниот портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и прв претседател на косовското Собрание по војната, Јакуп Красниќи, кој е повикан на интервју од страна на Специјалниот суд за воени злосторства.
Красниќи во неделата преку соопштение за јавноста информира за поканата од Хаг и кажа дека пред судот треба да се појави в четврток, на 24 јули, но не објави дали е повикан во својство на осомничен или како сведок.

Во медиумите продолжуваат коментарите за ненадејната оставка на косовскиот премиер, а една од причините се споменува и намерата за одложување на дијалогот меѓу Белград и Приштина на неопределено време, сѐ додека не се спроведат вонредни избори во Косово и до формирање на новата влада, која би требала да ги укине царините за увоз на српските производи, што беше и главен услов на Србија за продолжување на дијалогот. Потегот на Харадинај го доведува во прашање и најавениот собир во Париз, под покровителство на францускиот претседател Емануел Макрон, а на кој е повикана и германската канцеларка Ангела Меркел.

„Претпоставката на Александар Вучиќ дека оставката е политички трик не е далеку од вистината“, пишува берлинскиот весник „Тагесцајтунг“. Германските аналитичари заминувањето на Харадинај од премиерската функција го толкуваат како борба за моќ во највисоките кругови на власта во Косово. Како што е познато, Харадинај се противи на идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи за размена на територии со Србија.
Харадинај игра на позитивните поени што ги доби со воведувањето на високите царини за српските производи. Доколку Тачи за 45 дена не обезбеди ново функционално мнозинство за формирање на нова влада, тогаш се неизбежни изборите, на кои би победил неговиот главен конкурент.

Оставката на косовскиот премиер е „бегство во напад“, забележува берлинскиот „Тагесшпигел“. Неговата лабава коалиција, со само еден глас повеќе, и влада која функционира благодарение на гласовите од Српска листа, практично со месеци не функционира. Харадинај, кој е во вечен судир со шефот на државата Хашим Тачи, се обидува да поентира со одбивање на размена на територии со Србија.
– Сепак, останаа и неговите неисполнети предизборни ветувања за економско заживување на сиромашната земја и укинувањето на визите за патувања во Шенген зоната – забележува овој весник.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текстот со наслов „Воен злосторник од трет обид“ потсетува дека Харадинај е ослободен од судењето во Хашкиот трибунал, но дека судењето поминало во атмосфера на застрашување на сведоците.