Најголемите грчки синдикати на вработените во јавниот и приватниот сектор вчера одржаа 24-часовен генерален штрајк, што ја парализира цела Грција. Синдикатите ги повикуваат граѓаните да ги „обединат силите против мерките на штедење, невработеноста и прекумерните даноци“.
Проблеми имаше во авионскиот, железничкиот и во бродскиот превоз, а не се емитуваа ниту вести и информативни емисии поради учеството на новинарите во штрајкот, објави новинската агенција МИА.
Поради штрајкот на транспортните работници на граничните премини во Грција се создадоа големи колони возила, а неколку илјади учесници во протестот маршираа во централниот дел на Атина.
Генералниот штрајк се одржа по повик од Генералната конфедерација на вработените лица во Грција и најголемата синдикална организација АДЕДИ.
Од почетокот на кризата во 2009 година, Грција добила 260 милијарди евра во замена за имплементација на мерките за штедење во јавниот сектор, како и за намалување на пензиите и зголемување на даноците.
Грчката новинска агенција АНА јави дека автобусите и тролејбусите ќе ги скратат утринските и вечерните смени, додека за денеска е најавен 24-часовен штрајк, кој го закажа федерацијата на нивните синдикални организации.
Во вчерашниот штрајк учествуваа и вработените во авиокомпанијата „Егеан ерлајнс“, која ги откажа летовите, поради прекинот на работењето на вработените во контролата на летање. Во текот на изминатите 24 часа беа закотвени и сите бродови во сите грчки пристаништа.