Бугарија

Опозицијата не успеа да го добие потребниот број гласови за недоверба на кабинетот „Борисов 3“, јави агенцијата БГНЕС.
За недоверба гласаа само пратениците од Бугарската социјалистичка партија (БСП), кои се баратели на гласањето и нивните колеги од Движењето за права и слободи (ДПС), иако движењето официјално не ги поддржуваше мотивите за време на завчерашните двочасовни дискусии.

Според БГНЕС, со консолидирани напори, владејачкото мнозинство на ГЕРБ и Обединети патриоти лесно успеа да го собере потребниот минимум од 121 пратеник за зачувување на интегритетот на кабинетот. Против гласаа 124, а 11 беа воздржани.
Петтиот обид за интерпелација на владата на Борисов повторно беше поврзан со корупцијата, а во согласност со правилникот, гласање за недоверба на истата тема не може да се одржи во наредните шест месеци.

На завчерашната дебата не присуствуваше премиерот Бојко Борисов, кој беше во Брисел на самитот на европските лидери. Немаше ниту двајца од тројцата министри чии оставки ги побара премиерот. Борисов не беше присутен ниту на вчерашното гласање во парламентот.
Премиерот Филип Попов од левицата побара претседателката на парламентот, Цвета Карајанчева, да го покани во салата.

Двете вонредни седници на Националното собрание се одвиваа наспроти постојаните антивладини протести, на кои граѓаните веќе две недели бараат оставка на целиот кабинет.
Илјадници Бугари протестираат против владата на бугарскиот премиер речиси две недели поради корупција.