Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти објави дека опозицијата денеска го поднесе барањето за вонредна седница на косовскоот Собрание што треба да се одржи на 4. септември во 10:00 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Денеска го поднесовме барањето за вонредна седница на Собранието на Косово за да го изразиме институционалниот став против повредата на територијата на Република Косово, напиша Хоти на Фејсбук, додавајќи дека „со оглед на готовноста на мнозинството пратенички групи за ваквиот став“, опозицијата очекува резолуцијата да се поддржи со над 80 гласа во 120-члениот Парламент.
Шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, порачува дека „нема посилен политички механизам за изразување на волјата на граѓаните на Косово, одошто преку пратениците во Собранието, како избраници на граѓаните“.
– Никој не смее да се осмели да преземе чекори кои се спротивни на волјата на огромното мнозинство на пратеници во Собранието на Косово. Резолуцијата на Собранието на Косово е обврзувачка за секого. Доколку некој постапи поинаку, тогаш тој доаѓа во судир со уставниот поредок на Република Косово, за што уставните и политичките последици се јасни“, порача Хоти.
Резолуцијата, додава тој, ќе биде јасен знак и за меѓународните пријатели на Косово дека косовските граѓани не се подготвени за преговори околу територијата на државата.
Иницијативата за усвојување резолуција, со која ќе се забрани на претседателот Хашим Тачи и на било кој друг да преговара за територијалниот интегритет на Косово, освен другите две опозициски партии, Движењето Самоопределување (ВВ) и Социјалдемократската партија (ПСД), ја поддржаа и две од трите партии на Албанците од владејачката коалиција, Алијансата за иднината на Косово на премиерот Рамуш Харадинај и Иницијативата за Косово (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај. Единствени во поддршка на Тачи за дијалогот со Белград се неговата некогашна партија, Демократската партија на Косово (ПДК) и партијата на косовските Срби, Српска листа.
Тачи, кој се залага за „корекција на границата“ со Србија и неговиот српски колега Александар Вучиќ, кој бара „разграничување“ со Косово, разговорите за наоѓање конечно решение за споровите меѓу двете земји треба да ги продолжат во Брисел на 7. септември, три дена по вонредната седница која ја свика косовската опозиција.