По ослободувањето на Бугарија, Военото училиште му дало на бугарското општество тројца претседатели на Народното собрание, десетици пратеници, петмина премиери
Армијата на Бугарија продолжува да се намалува, а ние сè уште не ги наоѓаме потребната политичка волја и ресурси за да го прекинеме одливот на луѓе, изјави претседателот Румен Радев во свеченото обраќање по повод одбележувањето на 140 години од почетокот на военото образование во Бугарија и отворањето на првото воено училиште во Бугарија.
Годишно од бугарската армија си заминуваат 500-600 воени лица. Во оваа бројка влегуваат пензионираните воени лица и оние што заминуваат за подобро платена работа. Од високообразовните воени училишта излегуваат по 150 лица, што е недоволно да се покрие одливот на кадри во бугарската армија.
Претседателот Румен Радев нагласи дека денес военото образование во Бугарија се соочува со сериозни предизвици.
– Постојано издигнување на нивото на безбедносната состојба на земјата и ограничените ресурси постојано бара да се дефинираат точните приоритети, да се научат потребните знаења, да се изградат соодветни вештини и способности. Професионално подготвените офицери, подофицери и војници се основата на модерната армија – оваа армија што ѝ е потребна на Бугарија – рече претседателот на Бугарија.
Според неговите зборови, модерното оружје и модерната технологија никогаш нема да можат да го компензираат недостигот од луѓе.
– Треба да инвестираме повеќе во подготовката на идните воени лидери. Токму тука е местото каде што се градат овие лидери – луѓе со карактер и вештини, воспитани во идеалите и вредностите на родољубјето и честа – посочи Румен Радев.
„Денес“ објави дека во Големо Трново заменик-премиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов изјавил дека бугарските офицери мора да живеат со свеста дека се лидери во бугарското општество.
– Само за 66 години по ослободувањето на Бугарија, Военото училиште му дало на бугарското општество тројца претседатели на Народното собрание, десетици пратеници, петмина премиери. Во поново време, еден потпретседател и еден претседател на Бугарија – сегашниот – рече министерот.
Според него, ова е порака до денешните курсисти, кои се подготвуваат не само за воени специјалисти и воени команданти, туку мора да живеат со знаење дека се лидери во бугарското општество.
– Кога армијата беше отсутна од бугарскиот јавен живот, бугарското општество беше болно – рече тој.