Регионот како магацин на пиштоли и муниција
Податоците од истражувањето на институтот „Поглед кон светската популација“ откриваат загрижувачки информации, кои велат дека земјите од регионот, како Црна Гора, Србија, Албанија, БиХ и други, се во светскиот врв кога станува збор за поседување лично вооружување на граѓаните
Според резултатите од истражувањето на институтот „Поглед кон светска популација“ за оваа година се наведува дека Црна Гора е прва во Европа според количеството лично легално оружје, што практично значи дека секој трет жител во земјата е вооружен, односно дека од 100 жители, 39 граѓани поседуваат парче оружје.
Овие загрижувачки податоци на институтот не се помалку важни и за Србија, Албанија и БиХ, но и за преостанатите земји од регионот. Покрај Црна Гора, најмногу легално оружје на 100 жители во Европа има и во Србија. Па, така, институтот во својата анализа пишува дека жителите на Србија имаат 2.719.000 парчиња легално оружје, Црна Гора околу 245 илјади, а во БиХ тој број е 1.185.000.
Овие податоци се однесуваат само на оружје што е уредно пријавено до надлежните институции, додека бројот на она што не е пријавено, т.е. незаконското не може да се утврди со сигурност, бидејќи нема официјални записи за него, стои во анализата на институтот.
Криминологот и професор на Правниот факултет во Подгорица, Велимир Ракошевиќ, вели дека е тешко да се даде точна процена во врска со прашањето за нелегално оружје.
– Криминолошките истражувања покажуваат дека бројката е доста голема кога станува збор за кривичното дело незаконско поседување оружје и распрскувачки материи. На глобално ниво, две регистрирани оружја доаѓаат со едно непријавено оружје, што треба да претставува загриженост. Ова се оптимистички прогнози, откако во некои земји соодносот на пријавено и нелегално оружје е 1:1 – изјави Ракочевиќ за Радио Слободна Европа.
Инаку, во истражувањето за посед на оружје не се вметнати податоците за Македонија и за Косово, што, според пишувањата на регионалните медиуми, дополнително би ја зголемило бројката на огнено оружје на Балканот, па практично тој би изгледал како магацин за оружје и муниција.