Нелегалното оружје од балканските земји е лесно достапно до криминалните и терористички групи, но и до лицата што ја преземаат правдата во свои раце. Се проценува дека во Западен Балкан има меѓу три и шест милиони парчиња огнено оружје
Половина милион граѓани во Србија ризикуваат да добијат високи казни, доколку до март годинава не ги заменат документите за поседување оружје. Во 2016 година српската влада го донесе новиот закон за оружје, со кој им се дава рок од три години на сопствениците на пушки и пиштоли да ги заменат класичните картони со нови биометриски картички. Од лани, кога рокот беше продолжен за уште една година, оваа обврска ја исполниле околу 20 отсто од сопствениците на огнено оружје.
Според достапните, но непотврдени информации, граѓаните на Србија поседуваат најмалку 600 илјади парчиња оружје, пишува белградска „Политика“. Се проценува дека во Западен Балкан има меѓу три и шест милиони парчиња огнено оружје. Арсеналот што го поседуваат индивидуалните лица од Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и од Србија претставува „главна закана за европската безбедност“, предупреди пред две години францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан. Тој, во присуство на германскиот колега Хеико Маас, јавно предупреди дека ова нелегално оружје, набавено на балканските простори, се користи нелегално од терористичките и криминални мрежи во одделни делови на Европа. Извршителите на нападот на 13 ноември 2015 година во Париз, користеле автоматска пушка „застава“, која е српска верзија на популарната „калашников АК47“. Француските медиуми ја објавија и информацијата дека припадници на српските групи се јавуваат во третина од истрагите во Франција за меѓународно шверцување оружје.
Колку е присутен ризикот од употреба на нелегално оружје се покажа и во неодамнешниот случај во Сплит, кога едно младо момче со автоматска пушка „калашников“ изврши тројно убиство, како одмазда за малтретирање на неговиот брат, кој бил изложен на физичко насилство од дилери на наркотици. Двајца хрватски новинари за да покажат дека е лесно да се набави нелегално оружје, објавија истражувачка сторија за тоа дека за 78 часа се снабдиле со „калашников“ од поранешен припадник на вооружените сили во Хрватска. Автоматската пушка ја платиле 300 евра, со едно полнење од 20 куршуми!
Во Босна и Херцеговина секој петти жител располага со илегално оружје, а се проценува дека приватниот арсенал изнесува околу 750 илјади парчиња оружје. Оваа земја располага со околу 6.000 тони минско-експлозивни средства и 40.000 парчиња оружје. Во полициските акции, покрај оружје за лично вооружување, биле откривани противоклопно и противавионско вооружување.
– Трговијата со оружје најчесто е поврзана со одредена земја, која не е вклучена во конфликт, но која на внатрешен план е нестабилна, во смисла на политичкото уредување или владеење на правото. Шверцерите секогаш наоѓаат пат до зоните на конфликти – вели Денис Хаџовиќ, директор на Центарот за безбедносни студии од Сараево.
Според податоците на УНДП, во 2010 година, во БиХ, имало околу 495.000 домаќинства што нелегално поседувале оружје, но вкупниот број на пиштоли и пушки бил многу поголем. Во БиХ во просек дневно се случува по еден инцидент во кој било користено огнено оружје, а во текот на 2018 година во 377 случаи сторителите се мажи, од кои повеќето поседувале нелегално оружје, објави Н1.
Колку нелегално оружје има во Македонија нема точни податоци. МВР неодамна објави информација дека во земјата има околу 170 илјади парчиња нелегално оружје, а од невладината „Цивил“ се децидни дека во Македонија има меѓу 170 до 300 илјади парчиња нелегално оружје, кое во најголем дел потекнува од конфликтот од 2001 година.
Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии „Смол армс сурвеј“, во својата последна анализа заклучува дека од 100 граѓани на Македонија, дури 29,8 поседуваат малокалибарско оружје. Во однос на регионот, во истражувањето се заклучува дека бројките се значително повисоки, при што предводат Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора, објави „Нова Македонија“.
Во нашата држава досега биле спроведени неколку акции за легализација на оружјето, но на нив немало поголем одзив кај граѓаните. Во нашата земја стапија во сила и измените во Законот за оружје. Како што соопштија тогаш од МВР, за замена на постојните дозволи со нови, потребно е физичкото или правното лице да поднесе барање најдоцна во рок од пет години од денот на стапување во сила на овој закон, односно најдоцна до јуни 2023 година. Овој закон, во споредба со претходниот, предвидува повеќе обврски за оние што поседуваат оружје во делот на неговата регистрација, како и ограничувањата во однос на возраста на лицата што сакаат да поседуваат оружје.