Грција

Грчката влада најави нов пакет мерки во висина од 3,3 милијарди евра за поддршка на вработените и сопствениците, чии бизниси ќе бидат затворени поради вториот карантин поради ширење на коронавирусот. Некои од мерките претходно ги најави и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што е онаа за вонредна помош од 800, наместо 534 евра, за оние што се на принуден одмор пред 4 ноември.
Вработените и бизнисите што принудно прекинуваат со работа имаат можност да го одложат плаќањето на даночните долгови.
За деловни активности затворени по наредба на властите, до крајот на април следната година се одложува плаќањето на ДДВ за ноември и може да се исплати на 12 рати без камата или на 24 рати со камата од 2,5 отсто доколку е по мај 2021 година.
Бизнисите имаат право и на задолжително намалување за 40 отсто на киријата за нивните деловни простори. Продолжено е до крајот на годинава и одложувањето на исплаќањето на ратите во банките.
Во однос на невработените, сите надоместоци што истекоа и истекуваат во септември, октомври, ноември и декември се продолжуваат за два месеца, а ќе се додели и финансиска помош од 400 евра за сите долгорочно невработени. Конкретната мерка се однесува на 130.000 лица.