Бојко Борисов најави дека ќе го номинира за премиер Даниел Митов, поранешен министер за надворешни работи, во обидот да формира нова влада
Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, поднесе оставка пред новоизбраното 45-то Национално собрание. Соопштението за оставката на Борисов од раководната позиција на Советот на министри, беше објавено од прес-центарот на Советот на министри, неколку минути по официјалниот почеток на седницата на новиот парламентарен состав. Во согласност со Уставот на Бугарија, Владата предводена од премиерот Борисов ќе продолжи да ги извршува своите функции до изборот на нов совет на министри и ќе постигне континуитет во управувањето, се вели во соопштението. Со ова се става крај на третиот кабинет на Борисов, кој стапи на должност на 4 мај 2017 година. Тоа беше прв мандат што лидерот на ГЕРБ го заврши како премиер, откако тој беше принуден да поднесе оставка во претходните два пред нивното истекување.
Борисов завчера најави дека ќе го номинира Даниел Митов, поранешен министер за надворешни работи, во обидот да формира нова влада.
– Го избирам Даниел Митов, бидејќи сакам многу јасно да ја истакнам нашата проевропска и пронатовска позиција – им рече Борисов на пратениците од ГЕРБ, во пренос во живо на неговата страница на Фејсбук.
Прозападниот Митов беше министер за надворешни работи од 2014 до 2017 година. Сите други политички партии одбија да ја поддржат ГЕРБ, па најверојатно тој нема да успее да ја формира Владата. Борисов, кој доминира во бугарската политика од 2009 година, рече дека исто така ќе го напушти своето место како пратеник во новиот парламент за да се фокусира врз неговата партија на десниот центар.
Бугарите на парламентарните избори на 4 април гласаа за промени. Во новиот состав на бугарското собрание влегоа три нови политички партии во парламентот, со 240 пратенички места. Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби 26,18 отсто од гласовите и 75 места, што ја прави најголема партија во парламентот. Сепак, се чини дека трите нови политички сили што произлегуваат од протестите од минатото лето имаат поголема политичка тежина за да ја формираат новата влада на Бугарија.
Според Уставот, ГЕРБ, како партија со најголем број освоени пратенички места, прво ќе се обиде да формира влада. Можноста на ГЕРБ да формира влада е минимална. Втората политичка сила во бугарскиот парламент е партијата на телевизискиот шоумен Слави Трифонов, Има таков народ, која доби 17,66 отсто од гласовите со 51 пратеник. Доколку не успее да формира парламентарно мнозинство, претседателот на Бугарија, Румен Радев, ќе го даде мандатот на парламентарна партија по негов избор.
Другите потенцијални претенденти, според нивното рангирање, се Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 15 отсто од гласовите и 43 места, турското етничко Движење на правата и слободите (ДПС) со 10 отсто и 30 пратеници Демократска Бугарија на Христо Иванов со 9,45 отсто и 27 места и левиот центар и новата партија на Маја Манолова, со 4,72 отсто освоени гласови и 14 пратеници.
Новите парламентарни партии ја отфрлаат идејата за коалиција, било да е тоа со БСП или ДПС, но може да уживаат во нивната поддршка доколку формираат малцинска влада, пишува „Еуроактив“.
– Четириесет и петтото Национално собрание се свикува во тежок момент, тоа е израз на месечните протести и заедничката волја за промени – нагласи претседателот на Бугарија, Румен Радев, во обраќањето пред Националното собрание од собраниската говорница, на првата седница на новоизбраниот парламент.
Парламентот е фрагментиран, рече Радев, додавајќи дека многу аналитичари му предвидуваат краток живот на 45-то Национално собрание, но времето ќе покаже каков ќе биде и тоа зависи целосно од пратениците. Колку и да трае, парламентот се соочува со одговорни и итни одлуки – првото е формирање влада, која ќе се соочи со кризата со епидемијата на ковид-19, со банкротираната економија и сиромаштијата, надминување на драстичното заостанување во сите важни индикатори во ЕУ.