БиХ е во непосредна опасност за распад, а постои и многу веројатна можност за избивање на конфликт, предупреди претставникот на меѓународната заедница во Босна Кристијан Шмит во извештајот до Обединетите нации, во кој увид имал британски „Гардијан“.
Шмит во извештајот посочува дека во БиХ би требало да бидат испратени дополнителни меѓународни мировници, кои би спречиле ескалација што би довела до нова војна, ако српските сепаратисти ја спроведат нивната закана за создавање на сопствена армија, создавајќи поделба на националната армија на БИХ. Лидерот на босанските Срби Милорад Додик се заканува со повлекување од државните институции, вклучувајќи ја и армијата.
Поранешниот германски министер во неговиот прв извештај по стапувањето на функцијата предупредува дека Босна се соочува со „најголемата егзистенцијална закана во повоениот период“. Предупредувањата на Шмит биле доставени до ОН, во пресрет на резолуцијата за продолжувањето на мандатот за мировниците на ЕУФОР во БиХ. Мировната мисија на меѓународната заедница во БиХ ја спроведуваат 700 припадници на ЕУФОР, додека НАТО е присутен со простории во Сараево.
Се проценува дека нема голем интерес во ЕУ за засилување на мировните сили во БиХ, додека заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, неодамна порача оти Америка сораборува со ЕУ за да се осигурат дека има последици за дестабилизирачките акции во Босна.