Заедничко за сите земји во регионот е што вакцинацијата го достигна својот максимум, што е недоволно за стекнување на т.н. колективен имунитет на населението. Празниот простор од над половина невакцинирано население е причина за повторниот раст на заболени лица, предупредуваат епидемиолозите
Земјите од Балканот што се фискално зависни од прометот остварен во туристичката дејност се изложени на предизвикот како да се заштитат од ширењето на коронавирусот, а во исто време да не воведуваат рестриктивни мерки за движењето на граѓаните. По олабавувањето на епидемиолошките мерки во некои од земјите во регионот е регистриран зголемен број на новозаболени лица од ковид-19. Епидемиолошката слика во последните денови е измената во Грција, каде што се регистрирани високи дневни скокови на заболени лица, а дневниот број достигна до две илјади. Здравствените работници во Србија веќе алармираат на „преголемото опуштање“ на граѓаните, кои без да водат грижа за своето здравје присуствуваат на забавите и групните настапи во угостителските објекти, а веќе се најавува и можноста од нов, четврти бран на коронавирусот кон крајот на летото. Во Хрватска кризниот штаб за справување со вирусот се обидува да ја претстави земјата како безбедна земја за летување, со намера да привлече поголем број туристи. Заедничко за сите земји во регионот е што вакцинацијата го достигна својот максимум, што е недоволно за стекнување на т.н. колективен имунитет на населението. Празниот простор од речиси половина невакцинирано население е причина за повторниот раст на заболени лица, предупредуваат епидемиолозите.
– Неподготвеноста на населението да се вакцинира не е проблем само на Грција туку и на глобално ниво. Не можеме да ја направиме вакцинацијата задолжителна, но земјата нема повторно да се затвори за да заштити неколку невакцинирани лица, а да страда огромното мнозинство од грчкото население што е вакцинирано – изјавил премиерот Киријакос Мицотакис.
Тој рече дека нема повторно да преземе мерки за затворање на земјата затоа што повеќето граѓани ќе бидат вакцинирани.
Србија прва ја почна масовната вакцинацијата во јануари годинава, но досега сѐ уште не ја помина границата на над 50 отсто од бројот на вакцинирани лица. До осми јули годинава вакцината ја примиле 48,4 отсто од полнолетното население во Србија. Недоволниот број вакцинирани, особено кај помладата генерација, кои сега се и најризичната категорија за да бидат заразени од вирусот, укажува на недоволната доверба, не само за корисноста на вакцината туку и за сериозноста од последиците од ковид-19, кој во Србија однесе повеќе од седум илјади животи. Како што пишува Радио Слободна Европа, можно е бројот на починати како последица од коронавирусот да изнесува над десет илјади.
– Не сме задоволни од одѕивот на младите за вакцинација. Со нискиот процент на имунизација од 17 отсто кај младите и со делта-видот на вирусот не можеме мирно да ја дочекаме есента. Неизбежен е четвртиот бран, кој ќе дојде и порано – предупредува Мирсад Џерлек, државен секретар во Министерството за здравство во Србија.
Српската премиерка Ана Брнабиќ посочи дека вакцинацијата е прашање на национална безбедност и доколку не се направат дополнителни напори, Србија може да биде една од ранливите земји кога е во прашање коронавирусот.
– Сериозно сме непослушни, влошувањето на состојбата е евидентно. Опуштањето зема замав. Некои мерки се доживуваат како непријатност, како да е срам да се потсетува некој дека треба да носи маска – изјави вчера Предраг Кон, членот на Кризниот штаб на Владата на Србија.
Со ниско ниво на вакцинација се соочува и Хрватска, а премиерот Андреј Пленковиќ забележа дека е недозволиво тоа што 40 отсто од високообразованите работници во јавната администрација сѐ уште не се вакцинирани. Владата на Хрватска најавува и дополнителни мерки за забрзување на вакцинацијата кај граѓаните. Од сите вакцинирани лица, 8.423 се заразиле откако ја примиле првата доза, што е нешто помалку од еден процент од вкупно вакцинираните. По ревакцинацијата се разболе 1.146 лица. Од оние што примиле две дози вакцина, хоспитализирани се 149, или 13 проценти од оние што се разболеле и покрај вакцинацијата, а од оние што примиле една доза и сепак се заразиле, околу девет проценти биле упатени на болничко лекување. Нема починати, што недвосмислено укажува на тоа дека вакцинацијата е најбезбедна заштита, пишува „Јутарњи лист“.
И Бугарија ја разгледува опцијата да ги охрабри луѓето со парични ваучери за да се вакцинираат. Ова за Нова ТВ го изјави привремениот министер за здравство Стојчо Кацаров. Сепак, како што вели тој, досега не е донесена таква одлука.
– Овој предлог дојде од Националниот одбор за туризам. Овие ваучери ќе се користат за туристички услуги, а нивната вредност ќе биде 50 лева – рече Кацаров.
Според него, нов бран на ковид-19 е можен на крајот на летото, поради делта-варијантата. Досега само 10-12 отсто од населението во Бугарија има примено две дози вакцина.