Последниот срамен чин на насилство се случи во Сплит, кога група хулигани на главната градска улица нападнаа ватерполисти на српскиот клуб Црвена ѕвезда
Насилнички напади, говор на омраза, семејно насилство, демолирање болнички соби, насилство во училиштата на национална основа, стануваат секојдневие во Хрватска. Речиси нема ден да не се случи некој инцидент, кој наидува на јавна осуда на социјалните медиуми или, пак, се релативизира целиот настан, во зависност од која позиција се даваат коментарите. Последниот срамен чин на насилство се случи во Сплит, кога група хулигани на главната градска улица нападнаа ватерполисти на српскиот клуб Црвена ѕвезда, затоа што на себе имале маици со клупските ознаки. Веста за нападот на српските спортисти ја пренесоа светските медиуми, а Хрватска повторно беше ставена во негативен контекст, како земја во која постои високо ниво на нетолеранција.
Хрватскиот весник „Вечерњи лист“ ја пренесува изјавата на еден од нападнатите српски ватерполисти што ја даде на прес-конференција во Белград, кој се пожали на однесувањето на другите луѓе што ги охрабруваа насилниците да продолжат со насилството.
– Најмногу ме заболе тоа што насобраните луѓе викаа „убиј го четникот“. Им велев дека сум спортист. По десет минути поминати во ладна вода, дојде полицијата и ме извлече на сигурно место – изјави ватерполистот на Црвена ѕвезда.
Еден ден, по овој инцидент, нова провокација на националистичка основа се случи во основно училиште во Сплит, во кое осамнаа пораки „Мразам училиште и Срби“. „Вечерњи лист“ потсетува и на судскиот процес на еден насилник од Дарувар, кој е пуштен на слобода до стапување во сила на правосилната пресуда поради претепување 18-годишна девојка во кафуле во Задар. Во друг случај девојка била „жигосувана“ со запалка во задарско средно училиште.
Дали ова што се случува во Хрватска се изолирани случаи или хрватското општество се соочува со сериозен проблем со насилството? Експертите со кои се консултира „Вечерњи лист“ се согласни дека во земјата има повеќе насилство, но клучниот проблем е што тоа не се казнува соодветно. Психологот Мирјана Кризмановиќ забележува дека насилството во Хрватска е во пораст и препорачува медиумите да пишуваат за оваа тема.
– За спречување на насилството е потребно да се дејствува со здружени сили. Сепак, тоа не се прави доволно во кругот на семејството, каде што се стекнуваат националистичките предрасуди, а децата се учат дека Хрватите се подобри од Србите. Затаивме како општество и сѐ повеќе се движиме надолу. Никој не е казнет за своето дело, а се потценуваат негативните последици – вели Кризмановиќ.
Професорот по филозофија Жарко Пуховски во врска со зголеменото насилство во земјата вели дека најопасно од сето тоа е што тоа се одобрува од средината.
– Кај настанот со српските ватерполисти најголем проблем е што десетина луѓе стоеле од страна и набљудувале. За Хрватска не се проблем усташите, туку оние што секогаш наоѓаат оправдување за усташите. Ако се тврди дека Хрватска настанала од војната, а не од референдум, тогаш во коренот на заедницата сте внеле насилство. Тоа низ генерациите се ритуализира како насилство. Ние не можеме да се договориме во кои денови ќе се присетуваме на војната, туку тоа мора да биде секој ден, а тоа е нездраво – нагласува Пуховски.
Дополнителен проблем, според него, е што тие што ги нападнале ватерполистите најверојатно ќе се слават како херои наместо да бидат казнети и осудени од околината.
– Единствено решение за овој проблем гледам во воспитувањето против насилство. Сите истражувања упатуваат на тоа дека висок процент од хулиганите има тешкотии со вербалното изразување. Во училиштата треба многу да се работи на основите во комуникацијата. Потребно е да се почне од ова и со тоа да се дојде до граѓанско воспитание – смета Пуховски.