Србија се соочува со притисоци од САД, поради набавката на рускиот противвоздушен систем, како и за набавката на руски гас, односно реализацијата на проектот „Турски тек“
Амбасадата на САД во Белград изрази загриженост поради тоа што Србија набавува руска воена опрема и го повика Белград да отстапи од соработката со Москва, која може да предизвика и санкции. Од американската амбасада ги повикуваат сите свои сојузници и партнери да се откажат од трансакциите со Русија, вклучувајќи ги и планираните набавки на системот „панцир“, се наведува во соопштението од американската амбасада, испратено како одговор по барањето од Радио Слободна Европа.
САД и Русија имаат многу различни визии за иднината на Западен Балкан, иако од американската администрација силно ја поддржува Србија на европскиот пат и нејзината поставена цел за членство во Европската Унија. Од друга страна, според тврдењето на американската амбасада, Москва активно се спротивставува на западната интеграција на регионот и настојува да го спречи решавањето на етничките тензии, со маргинализирање на влијанието на САД и на ЕУ или да ги спречи земјите од Западен Балкан да ја следат својата независна ориентација.
На крајот на февруари годинава, со негативни реакции за модернизирањето на српската војска со руските ракетни системи „панцир 1“ се огласија Стејт департментот, ЕУ и НАТО, пишува „Новости“. Американскиот Стејт департмент ги повика сите сојузници и партнери да се откажат од трансакциите со Русија, кои би можеле да доведат до воведување санкции, според Законот за спротивставување на американските противници преку санкции. Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во таа пригода изјави дека руските противвоздушни ракети се набавени транспарентно и служат за зачувување на мирот на Балканот.
– Србија е слободна земја и никој не треба да се грижи што новата опрема е за одбранбени задачи на српската војска и нема никаква причина да се применат некакви санкции. Србија не е колонија и сама ќе одлучува од кои пријателски земји ќе набавува опрема и оружје. Колку војската на Србија е посилна, толку мирот на Балканот подолго ќе трае – изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин, по последните реакции од американската амбасада во Белград.
Како воено неутрална земја, Србија е должна да биде подготвена и способна да се заштити себе и Србите каде и да живеат. Нема ни една причина да се применат санкции за Србија и тоа нема да го направи ниедна земја, која го почитува меѓународното право и правото на Србија за самостојно да одлучува за своето вооружување, појасни министерот Вулин.
Покрај ограничувањето во воената соработка кон Србија се насочени и други притисоци, за да се влијае и на нереализацијата на проекти, пред сѐ во енергетската област односно на изградбата на „Турски тек“. На тоа предупреди и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој присуствуваше на одржувањето на Меѓувладиниот комитет за трговија, економска и научнотехничка соработка, во Казањ, Русија.
– Ова за нас е историско и стратегиски важно прашање – изјави Дачиќ, кој потсети дека Србија е единствената земја во Европа што не подлегнала на притисоците и не се придружи на санкциите од ЕУ и од САД, против Русија.
Српскиот министер повтори дека над неговата земја се врши притисок, но забележа дека на Србија не ѝ се нудат нови извори на гас, за што отворено се прашува од каде ќе добиваат гас, пренесе „Спутник“.
– Американците имаат понуда, но таа е речиси двапати поскапа од руската. Нудат течен гас и тоа преку Крк во Хрватска, но не се знае кога ќе го прават тоа. Суштината е што велат дека на овој начин се јакне Русија. Значи, гасот за Србија повеќе дејствува од оној за Германците, Скандинавците и другите земји од Централна Европа, кои добиваат руски гас. Тоа е лицемерно – вели Дачиќ.
Односите меѓу Србија и Русија се исклучителни во сите сектори: политичките односи, економијата, културата, образованието… Економската соработка меѓу двете земји е во пораст, а целта е размената да достигне ниво од четири милијарди долари. Надворешнотрговската размена лани изнесуваше 3,56 милијарди долари, а во 2018 година – 3,06 милијарди долари.