Официјалниот став на Белград, кој беше пренесен и во текстот на „Политика“, е дека тие ги исполниле своите обврски од претходниот договор, а сега на ред е тоа да го стори и Приштина
Последните разговори меѓу Приштина и Белград со посредство на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини биле многу сложени и завршиле со заклучокот дека тие треба да продолжат сѐ до наоѓање заедничко компромисно решение.
– Разговорите во Брисел беа тешки, но мораме да бидеме свесни за последиците од евентуалното непостигнување договор. Што и да добиеме на крајот, ќе биде повеќе од она што го имаме сега. Мораме да бидеме свесни дека сме соочени со дилемата – дали го сакаме тој договор или не. Не сакаме каков било договор со Приштина, туку сакаме решение што ќе ги задоволи интересите на Србија – вели Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија.
Прашањето за Косово е поврзано и со прашањето на економскиот напредок и со непостигнувањето договор работите ќе останат такви како што се сега, а регионот би се вратил во минатото, кога имаше судири.
– Ќе нема мир. Не смееме да дозволиме децата повторно да ни гинат. Затоа ни е потребен некој вид договор. Секогаш има тешки условувања. Не можеме да помислиме дека можеме да продолжиме со економски напредок доколку нема решение – вели Ѓуриќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со косовските претставници, која се одржа во Брисел, рече дека целта на разговорите била зачувување на мирот и стабилноста во овој дел од Европа.
– Албанците и Хашим Тачи сакаат сѐ да добијат и бараат сѐ за Албанците на Косово, додека Белград се обидува да пронајде компромисно решение, во кое ниедна страна не би била понижена – изјави Вучиќ за српските медиуми.
На прашањето на новинарите дали ќе прифати независност за Косово, претседателот на Србија рече дека токму со таков тип разговори се соочува на дневна основа.
– Единственото компромисно решение што ни го нудат од косовска страна, особено од Хашим Тачи, секогаш е само признавањето на независноста на државата Косово. Тоа така не функционира – нагласи Вучиќ.
Официјалниот став на Белград, кој беше пренесен и во текстот на „Политика“, е дека тие ги исполниле своите обврски од претходниот договор, а сега на ред е тоа да го стори и Приштина. Делегациите на српската и на косовската страна за последните седум години одржале повеќе од стотина рунди разговори во Брисел, а повеќето беа на техничко ниво. Приштина не ја исполни својата најголема и најважна обврска, а тоа е формирање заедница на српските општини, за што доцни повеќе од пет години, заклучува „Политика“.
Првиот состанок на делегациите на двете земји е одржан на осми март 2011 година, на кој биле отворени темите за катастарот, авиосообраќајот, телекомуникациите и изработката на царинските печати. Тогашниот претседател на Владата на Србија, Ивица Дачиќ, и косовскиот премиер Хашим Тачи, со посредство на Кетрин Ештон, на 19 април 2013 година ја парафираа првата спогодба за главните принципи за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, која предвидуваше основање заедници на српските општини. Две години подоцна, на 25 август 2015 година, втората бриселска спогодба, со која се прецизираат деталите од претходниот договор, беше потпишана од тогашниот премиер на Србија, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер Иса Мустафа, а посредничка беше Федерика Могерини.
Врз основа на првата бриселска спогодба на територијата на Косово постојат единствени полициски сили под називот косовска полиција, а српските судии и правосудството се интегрирани со правосудниот систем на Косово. Со другата бриселска спогодба, Косово доби меѓународен телефонски број за географска област, додека Приштина овозможи фирма ќерка на МТС на Косово да добие двегодишна лиценца за работа. Косовската страна е незадоволна од тоа што српската страна не се согласува целосниот недвижен имот во енергетскиот сектор од Газивода до Трепча да им припадне на косовските фирми, па затоа го блокираа работењето на ЕПС.
Со втората бриселска спогодба е предвидено да биде реконструиран и оспособен за сообраќај еден од мостовите што ја поврзуваат северна и јужна Митровица, но тоа досега не било реализирано поради упадите и нападите на Албанците врз српското население на територијата преку реката Ибар, пишува белградска „Политика“.