Пред зградата на Претседателството на Србија, од каде шефот на државата Александар Вучиќ ќе и се обрати на јавноста по повод синоќешниот упад на демонстрантите и лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија во државната телевизија РТС, ситуацијата е мирна.
На 70 метри од влезот на зградата е поставена заштитна ограда пред која стојат неколку полицајци, а во близина се собрани неколку стотици граѓани, меѓу кои се и лидерите на СзС, Драган Ѓилас, Бошко Обрадовиќ, Зоран Лутовац и Вук Јеремиќ.
Обрадовиќ изјави дека се собрани тука за да им објасни Вучиќ што се случило синоќа во РТС.
– Тој тоа најдобро ќе го направи. Овде сме собрани денеска да изразиме свој протест поради она што се случило во зградата на РТС, кога граѓаните дојдоа да го вратат она што е нивно. РТС е сопственост на граѓаните, истакна Обрадовиќ, тврдејќи дека директорот на јавниот сервис Драган Бујошевиќ ја уредува програмата по налог на Вучиќ.
Тој повтори дека се бара оставка од Вучиќ.
Од СзС најавија дека по прес-конференцијата на српскиот претседател, на граѓаните ќе им се обрати лидерот на Демократската партија, Зоран Лутовац.