Околу 150 мигранти се судрија со полицијата, обидувајќи се да преминат од БиХ во Хрватска преку граничниот премин Велика Кладуша – Малјевац, пренесува „Н1“.
Мигрантите стигнале до граничниот мост, откако ја пробиле првата полициска блокада. На почетокот на мостот се наоѓаат припадниците на полицијата на БиХ, додека на другиот крај се нивните колеги од Хрватска, чие присуство е зголемено.
Бегалците не сакаат да останат во БиХ.
– Тука нѐ држат и се наоѓаме во исклучително лоша ситуација. Ова не ни се допаѓа, ние сме бегалци, немаме своја земја. Сакаме да ја напуштиме оваа земја, ги сакаме нашите животи. И ние сме човечки суштества. Нѐ третираат многу лошо, не сакаме да останеме тука – вели еден од мигрантите, Маџид Дајани.
Босански „Дневни аваз“ објавува дека ситуацијата на границата е тензична, со што мостот моментно е затворен. Меѓу мигрантите, наводно, има и повредени, по судирите со полицијата.