БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

„Се смееја додека нѐ тепаа“ е насловот на текстот што го објави „Шпигел“, чиј автор престојувал во Бихаќ, кој посочува на насилството што се применува низ постојниот систем на заштита од илегалната миграција

Хрватската полиција ги демантира информациите за последниот инцидент на границата со Босна и Херцеговина, кога беа приведени 18 мигранти, а за кои медиумите пишуваа дека биле претепани од припадници на граничната полиција на Хрватска. Бегалците и мигрантите што се наоѓаат на територијата на БиХ сѐ уште се главна тема во германските медиуми, а секојдневно во нивните изданија се пренесуваат сведоштва за сѐ поголемото насилство од страна на хрватската полиција, пишува „Дојче веле“.

„Се смееја додека нѐ тепаа“ е насловот на текстот објавен во онлајн-изданието на магазинот „Шпигел“, чиј автор престојувал во Бихаќ, а кој посочува на насилството што се применува низ постојниот систем на заштита од илегалната миграција. Тој го поставува прашањето за тоа дали Фронтекс, агенцијата за европска гранична и поморска стража, го толерира малтретирањето на бегалците од локалните безбедносни сили.

Двајца мигранти од Пакистан раскажаа што доживеале на средбата со полицајците. Едниот од нив имал потечени нозе и изјавил дека бил газен. Неговиот пријател Амир се пожалил дека бил удиран во пределот на лицето. Пред да бидат принудно вратени од Хрватска, тие ноќта ја поминале во шатор, без „вода, храна и тоалет“.
Во текстот има и сведоштва од бегалци што тврдат дека им биле одземени парите и мобилните телефони, а нивните лични предмети што ги носеле во ранците им биле запалени. Потоа Хрватите ги вратиле во БиХ без да им биде дадена можноста да побараат азил.

Патувањето на бегалците и мигрантите од Јужна Азија траело со месеци, но никаде не доживеале такво насилство како во Хрватска.
Очигледно е дека хрватската полиција системски ги малтретира мигрантите, како на граничното подрачје така и во внатрешноста на земјата. Ова е потврдено во извештајот на германската невладина организација „Бордер вајоленс мониторинг“, пишува „Шпигел онлајн“.

– Тоа им е забавно. Тие нѐ тепаат и се смеат – вели 23-годишниот Јусеф од Исламабад, кој една година е заглавен во Босна, а кој има намера да замине во Италија.
За мигрантската балканска маршрута и напнатата состојба во Бихаќ пишува и австрискиот весник „Ди пресе“. Во текстот се посочува дека не е затворена балканската траса, по која се движат илјадници мигранти од Турција, преку Грција, до Централна Европа. Сепак, нивниот број е помал во споредба со бегалската криза во 2015 година.
Весникот ја пренесува изјавата на началникот во Бихаќ, Шухрет Фазлиќ, кој ѝ забележува на хрватската полиција што навлегува подлабоко на територијата на БиХ за да ги врати илегалните мигранти.

Критики за однесувањето на хрватската полиција имаат и од организациите за заштита на човековите права и УНХЦР, според кои со третманот и враќањето во БиХ се крши меѓународното хуманитарно право. Наспроти ова, хрватските државни органи наведуваат дека се работи за одвраќање од хрватската граница според процедурите што се пропишани во законите на ЕУ.

„Ди пресе“ го наведува и податокот од Министерството за внатрешни работи на БиХ дека на нивна територија се наоѓаат девет илјади мигранти, кои се сместени главно во бегалските центри во Бихаќ. Повеќемина од нив времето го поминуваат во тешки услови и чекаат преку Хрватска да заминат на Запад.