САД сметаат дека поднесувањето обвинение за воени злосторства против Хашим Тачи, Кадри Весели и други, објавено од Канцеларијата на независното Специјално обвинителство, е чекор кон правдата и кон процесот на помирување во Западен Балкан. Имајќи предвид дека и нашата земја е дел од Западен Балкан, јавноста е во очекување ова обвинение да ги опфати и злосторствата што ОВК ги правеше на наша територија, а кои своевремено веќе еднаш беа испратени до судот во Хаг, познати како „хашки случаи“, и добија, надвор од правната логика, неверојатна политичка разврска
Воените злосторства никогаш не застаруваат
На состанокот во Вашингтон, кој требаше да биде почеток на новиот преговарачки процес меѓу Белград и Приштина, нема да присуствуваат претставници од косовската страна. Претседателот на Косово Хашим Тачи го откажа патувањето во САД, откако завчера беше објавено дека специјалниот обвинител Џек Смит поднел предлог-обвинение до судот во Хаг против Тачи за воени злосторства. „Жртви на кривичните дела од обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат и меѓу нив се косовски Албанци, Срби и Роми, како и политички противници. Обвинението е резултат на долготрајни истраги и го одразува уверувањето на Обвинителството дека може да ги докаже надвор од разумен сомнеж сите обвиненија содржани во него“, соопшти Обвинителството во Хаг.
Неучеството на состанокот со Александар Вучиќ во Белата куќа во Вашингтон на 27 јуни, на кој се очекуваше да се разговара за спорот за косовското прашање помеѓу Србија и Косово, го потврди и косовскиот премиер Авдулах Хоти.
„Поради новонастанатата ситуација поради предавањето на обвинението од Специјалното обвинителство, морам да се вратам во својата земја. Го известив Гренел дека не можам да присуствувам на состанокот закажан за 27 јуни во Белата куќа“, напиша Хоти на Твитер.
По завршувањето на косовскиот воен конфликт беа отворени повеќе истраги за сторени воени злосторства, зад кои стојат припадници и водачи на ОВК, а кои долго време тапкаа во место. Многу случаи, кои биле сторени во Косово и во поширокиот регион каде што дејствуваа албанските паравоени формации, беа заташкувани под притисок на политичките партии, на кои поради специфичните политички околности на Балканот, им беше давана безрезервна поддршка од меѓународната заедница. САД сметаат дека поднесувањето обвинение за воени злосторства против Хашим Тачи, Кадри Весели и други, објавено од Канцеларијата на независното Специјално обвинителство, е чекор кон правдата и кон процесот на помирување во Западен Балкан, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Како што јави „Гласот на Америка“ (ВОА), САД ги повикале Специјализираниот совет на Косово и независната канцеларија на Специјалното обвинителство да се придржуваат кон својот мандат, додека случајот напредува низ судскиот систем. Тие сметаат дека зад објавата е процес што траел 20 години. Тој потег е неопходен за промовирање на владеењето на правото и обезбедување правда за жртвите во Косово, а земјата се оддалечи од овој ужасен период и ѝ се приклучи на евроатлантската заедница, се заклучува во соопштението испратено од американската администрација.
Едностраното повлекување на Приштина од преговарачкиот процес ќе влијае на дополнително замрзнување на односите со официјален Белград, од каде што долго време инсистираат кај меѓународните институции сторителите на воени злосторства над српското население на Косово да се најдат пред лицето на правдата. Овој потег на челниците на косовската политика покажува и дека Приштина во овој момент е голем фактор на несигурност, оценува поранешниот специјален претставник на ЕУ за Косово, Волфганг Петрич. Тој смета дека е добро за српскиот претседател Александар Вучиќ да замине во Вашингтон.
– Косово во моментот има сосема слаба влада и тоа е голем проблем. Во Белград власта е значително засилена, тоа не е случај со Приштина. Подигнувањето обвинението против Тачи се наѕираше уште од извештајот на Дик Марти за Советот на Европа. Предолго траеше, но меѓународната правда е бавна – изјави Петрич за „Танјуг“. Тој потсети дека со објавата на обвинението против Тачи актуелната косовска влада е уште повеќе ослабната, затоа што зависи од гласовите на партијата на косовскиот претседател, и смета дека наскоро би можело да дојде до нови избори на Косово. Петрич е скептичен кон најавениот план на САД за економско поврзување на двете земји и смета дека не може да се почне со економски прашања, без паралелно да се бара политичко решение.
– Кој ќе инвестира во некој регион што има толку тежок нерешен проблем? Економската соработка меѓу двете земји мора да има европски печат – објаснува Петрич.
Но настрана политичките комбинаторики за „помирување“ на Србија и Косово, прашањето за извршените воени злосторства и предлог-обвинението за високите поранешни припадници на ОВК во овој момент излегува на површина како приоритетно. Дотолку повеќе што истите тие структури и на територијата на Република Македонија тогаш направија злосторства над цивилното население, што како кривично дело не застарува. Имајќи го предвид фактот дека во Македонија сѐ уште останаа неразјаснети (и вистински) незатворени случаите на злосторства од страна на борците на ОВК, заложбите на Канцеларијата на независното Специјално обвинителство за „чекор кон правдата и кон процесот на помирување во Западен Балкан“, каде што спаѓа и нашата земја, се за поздравување. Како што е познато, четирите клучни случаи „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“, беа процесирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови, кои, пак, решавањето им го препуштија на политичарите.
Маратонската расправа за автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија финишира во доцните вечерни часови на 19 јули, 2011 година. Тогаш Собранието на Македонија го усвои автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија, со што практично се создаде можност за амнестија на одговорните за хашките случаи. Со таквата политичка одлука се ставија под тепих злосторствата, кои оставија длабоки лузни кај жртвите и нивните најблиски, но и во целата македонска јавност.
На Обвинителството во Хаг е да се изјасни дали во рамките на новото обвинение ќе ги земе предвид случаите од целиот Западен Балкан, а со тоа и случаите во Македонија, кои никогаш не добија судска разврска.