Албанија

Албанскиот претседател Илир Мета за вчера попладне го најави почетокот на консултациите со политичките партии, во функција на надминување на политичката криза во земјата.

Според најавите, се очекува на средбите да се разговара и за одредување на новиот датум за одржување на локалните избори, кои Мета, за да се избегне ескалација на кризата во граѓански конфликт, нив ги одложи.

До вчера немаше потврда кога ќе има средба со владејачката левица и дали премиерот Еди Рама ќе ја прифати или не поканата од Мета, поаѓајќи од фактот дека тој категорично изјавува дека ќе има избори на 30 јуни.

На утрешната пленарна седница на албанскиот парламент ќе се расправа по барањето за импичмент за шефот на државата, што ја предложи партијата на Еди Рама.
Во вторникот на заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, рече дека луѓето не треба да бидат спречени да го реализираат тоа демократско право, додавајќи дека одложувањето на изборите ќе ја одложува европската перспектива на Албанија.

Жан Клод Јункер одговори на прашањето на новинарот на Топ чанел, велејќи дека доколку се одржат изборите, никој не треба да ги спречи граѓаните да го изразат своето мислење.