Рускиот премиер Димитриј Медведев со денешната посета на Белград носи силна поддршка за Србија за прашањето за Косово, а тоа наедно е и одговор на американската дипломатска офанзива на Балканот. За Медведев се важни реализацијата на гасоводот и договорот меѓу Белград и Евроазиската унија, велат соговорниците на „Дојче веле“ во пресрет на посетата на рускиот премиер, кој два дена ќе престојува во главниот град на Србија, по повод 75-годишнината од ослободувањето на Белград, за што многу советски војници ги дадоа своите животи, против германскиот окупатор.
– Посетата на Медведев служи и за да го потврди Русија ветувањето кон Србија дека во Советот за безбедност на ОН со ставање вето ќе го спречи отцепувањето на покраината Косово, односно тоа да стане признаена членка во ОН. Поддршката од Кремљ е од голема важност за Белград пред продолжување на преговорите со Приштина и западните партнери – вели Душан Рељиќ од бриселскиот разгранок на германската фондација за наука и политика.
Моментот на новата средба меѓу висок руски функционер и неговиот домаќин српскиот претседател Александар Вучиќ, е посебно значаен, затоа што на почетокот на месецот САД почнаа нова офанзива за да се стават Белград и Приштина на преговарачка маса, а за таа цел е поставен за посредник американскиот амбасадор во Берлин Ричард Гренел.
– Претседателот Трамп сака следната година повторно да ги добие изборите и затоа му се потребни нови надворешнополитички успеси – вели Олег Бондаренко од руската Фондација за напредна политика. Тој за „Дојче веле“ објаснува дека Москва може да живее со поделбата на Косово, само под услов со тоа да се согласи и Белград и за тоа да постои и одлука од Советот за безбедност.
Засега од Кремљ на американската иницијатива гледаат со скепса, затоа што Ричард Гренел во Берлин остро говореше за руските енергетски потфати, особено за гасоводот „Северен тек 2“, кој е проект од висок приоритет за Москва. Првиот состанок на Гренел и Вучиќ, кој се одржа минатата недела, ги покажа дека разликите во ставовите се големи. Не е случајно и тоа што Вучиќ по средбата со американскиот посредник се пофали со односите меѓу Србија и Русија за да нагласи дека се радува на средбата со Медведев.
Во текот на дводневната посета ќе стане збор и за економските теми, посочува московскиот експерт и добар познавач на Балканот Иван Преображенски, и како што изјави тој за „Дојче веле“, рускиот премиер ќе се интересира за напредокот во изградбата на гасоводот долг 402 километри. Таканаречениот „Турски тек“ води од Турција преку Бугарија во Србија, и преку него рускиот енергетски гигант „Газпром“ ќе ги снабдува со гас земјите од Западен Балкан, но според енергетските правила на ЕУ тој не смее да биде ексклузивен сопственик на гасоводот. Кремљ очекува српскиот дел од гасоводната траса да биде готов до крајот на годинава. За Медведев е посебно важно потпишување на трговската спогодба меѓу Србија и Евроазиската унија.
– Ова е сигнал кон Брисел, дека Москва покажува расположение не само со војни, туку и со економски средства да влијае на овие простори – заклучува Преображенски.
Центарот за анализа на европските политики (ЦЕПА) од Вашингтон објави анализа во која пишува дека Москва калкулира околу тоа како да се неутрализира или осуети секоја нова американска иницијатива. Авторот на анализата, Јануш Бугајски, констатира дека Кремљ може и да именува свој претставник за Балканот или, пак, ќе побара да има еднакво право на глас во претстојниот дијалог меѓу двете страни, пренесува „Правда“.
Дејвид Костеланчик, директорот на канцеларијата на Стејт департментот за Јужна и Централна Европа, изјави дека ангажманот на Русија не секогаш е во согласност со визијата на самите земји на Западен Балкан, како ни со САД и со ЕУ.