Сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина не само што ќе ја зголеми регионалната стабилност, туку ќе ги отвори и шансите на „две земји“ за членство во ЕУ. Ова е пораката на официјален Берлин што ја пренесе германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, отворајќи ја конференцијата на министри за надворешни работи кои учествуваат на „Берлинскиот процес“ одржан под германско претседателство.

Мас рече дека Берлин безусловно ги поддржува напорите на високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак во реализацијата на таа задача.

– Сите нации во Европа имаат историски товар, но историјата не смее да биде пречка во создавањето на заедничка иднина – нагласи шефот на германската дипломатија.

Мас посочи дека процесот на проширување мора да биде рестартиран.

– Иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ. Германија е сè уште целосно посветена на таа цел – истакна Мас, додавајќи дека кога земјите од регионот ќе покажат резултати, ЕУ мора да го стори својот дел, пренесуваат медиумите во регионот.

„Кога тие ќе го дадат своето, ние треба да го дадеме нашето – тоа мора да биде нашиот пристап кон проширувањето на ЕУ во иднина“, нагласи Мас.

Тој посочи дека земјите од регионот треба да го зајакнат владеењето на правото, да се борат против корупцијата и организираниот криминал, да работат на заштита на слободата на медиумите и да создадат простор во кој може да се развива демократијата.

„Ваквите реформи ќе придонесат за привлекување поголеми странски инвестиции, ќе создадат шанси за младите и ќе го запрат одливот на квалификувана работна сила од регионот“, објасни Мас, додавајќи дека, од друга страна, ЕУ мора да застане зад своите ветувања.

Во таа насока, како што пренесуваат агенциите, тој ги споменал Македонија и Албанија, наведувајќи дека тие земји постигнале одржлив напредок во судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал и дека Скопје постигна историски договор во Преспа со Атина.

– Затоа, преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија ќе започнат сега – рече тој.

Мас рече дека е познато дека внатрешната политика може да го ограничи просторот за надворешна политика, како и дека има незгодни прашања од минатото и идентитетот, но, додаде тој, ваквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот процес на пристапување.

Тој исто така рече дека ЕУ треба конечно да го исполни својот дел од прашањето за визната либерализација со Косово.

Говорејќи за Босна и Херцеговина, тој рече дека повеќе од 25 години по Дејтон има загрижувачки ќор-сокак и агресивна реторика, и тој се осврна на денешната пресуда за Ратко Младиќ.

– Ова судење нè потсетува на ужасните војни во 90-тите години со геноцид, масовни убиства и етничко чистење. Тие ужасни спомени треба да нè доведат до заклучок дека иднината на Западен Балкан е во мир и демократија – нагласи Мас.

„Пандемијата покажа дека повеќето предизвици со кои се соочуваме не стојат на границата на една земја. „За просперитетен и мирен Западен Балкан се потребни земјите од регионот кои меѓусебно си нудат рака на соработка, со прагматизам и храброст, со реален поглед и амбиции“, истакна Мас, додавајќи дека изборот на патот е во регионот и дека Германија ќе обезбеди поддршка, објавија агенциите од регионот.


Османи на министерски состанок во рамките на Берлинскиот процес

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на министерскиот состанок за надворешни работи во рамките на германското претседателство со Берлинскиот процес за 2021 година. Со состанокот претседаваше германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

На средбата се дискутираа актуелни прашања поврзани со европската перспектива на Регионот во пресрет на јунските Совети на ЕУ, како и повеќе аспекти на регионалната соработка. Министрите разговараа за начинот на имплементирање на Повеќегодишниот акциски план на заедничкиот регионален пазар кој е во синергија со Економскиот и инвестицискиот план на ЕК, кои имаат голем потенцијал за заживување на регионот и се во функција на понатамошно подготвување на земјите од Западен Балкан кон нивната идна интеграција во заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ. Тековните процеси на подготовка на регионални договори за признавање на професионални и академски квалификации и слободно движење и работа во регионот како и иницијативата за проширување на зелените коридори со ЕУ, беа тема на дискусија меѓу министрите како проекти кои можат да донесат повеќеслојни бенефиции за сите наши граѓани.

– Поминавме долг пат и заедно постигнавме значителни резултати во областите на меѓусебна соработка – да бидеме економски, политички, безбедносно и социјално поврзани. Агендата за поврзаност, што беше во сржта на процесот, еволуираше во меѓусебната поврзаност во многу поширока смисла, надвор инфраструктурната. Вклучувањето на земјите од Западен Балкан во активен и динамичен пристапен процес целосно ќе ги ангажира општествата во создавање на нови вредности, напредок и позитивна конкуренција.Регионалната соработка, станува сè поважна-да се демонстрира сопственост и заедничко политичко лидерство. Ние сме релативно мали економии, но заедно сме силни. Фактот дека имаме наши разлики и различни ставови, не ја исклучува далеку поблиската соработка во сите секторски области поврзани со ЕУ – истакна Османи.

Тој се осврна на минатогодишното заедничко претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, како позитивен пример на добрососедство и билатерална соработка, што кулминира на Софискиот Самит од кој произлегоа повеќе иницијативи и се отворија нови полиња за соработка во Регионот. Османи на состанокот ја претстави идејата на Македонија за размена на млади дипломати во Регионот насочена кон поврзување и зајакната соработка на следната генерација дипломати во Регионот, а со цел кон натамошно помирување, градење доверба и рушење на меѓусебните бариери. Исто така, информираше и за неодамнешната иницијатива за отпочнување на неформална платформа за политичка соработка– Балкан 6 (Б6) во формат на министри одговорни за надворешни работи, наменета за продлабочување на соработката и врските меѓу земјите од регионот во области од заеднички интерес.

– Искуството покажа дека кога се консултираме едни со други пред разни состаноци, имаме поголемо влијание врз прашањата од наш заеднички интерес. Искрено верувам дека одржувањето на редовниц состаноци и координација ќе станат правило, а не исклучок меѓу нас – нагласи Османи.

Покрај министерот Османи, на состанокот учествуваа министрите, учесници во процесот од земјите од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора и земји членки на ЕУ: Австрија, Бугарија, Грција, Италија, Полска, Словенија, Франција, Хрватска, како и Обединетото Кралство, а свое обраќање имаше и еврокомесарот за проширување и соседски политики, Оливер Вархеи.

Германското претседателство продолжува со напорите за испорака на натамошни резултати во однос сите иницијативи започнати во рамките на Берлинскиот процес кои треба да се презентрираат на Берлинскиот Самит закажан за 5 јули оваа година, а со кој ќе претседава германската канцеларка Ангела Меркел, информираат од кабинетот на Османи.