Горивата на бугарскиот пазар ќе поскапат за еден лев доколку малите бензински пумпи исчезнат од пазарот и големите производители го монополизираат секторот. Ова го изјави Симо Симов, од Здружението на сопственици на мали и средни бензински пумпи за БТВ, по повод новите предлози во Законот за промет со нафтени деривати.
– Монополот на нафтениот пазар води до многу други работи и ќе има политички рефлексии. Со овој закон се создава апсолутен монопол на единствениот производител на горива во Бугарија, кој ќе ги одредува и диктира цените. Тогаш ќе дојде до целосен притисок на пазарот и не сакам да бидам на местото на Владата кога некој ќе ги зголеми цените и луѓето ќе излезат на улица – вели тој.
Дојчин Иванов, член на управниот одбор на Здружението на сопственици на мали и средни бензински пумпи, објасни дека цените на горивата ќе тргнат нагоре, ако банкротираат малите трговци. Малите трговци се многу одамна на пазарот и се присутни во мали градови и села, и ја одржуваат пониската цена на горивата.
Двајцата претставници на Здружението на сопственици на мали и на средни бензински пумпи велат дека тие се подготвени да штрајкуваат, доколку новата регулатива поврзана со прометот на нафтени производи влезе во сила.