Лидерот на паравоената словенечка група „Штаерска гарда“ Андреј Шишко денеска е осуден на осум месеци затвор поради обид за поткопување на уставниот поредок.
Неговиот соработник Матеј Лесјак доби условна казна од три месеци затвор.
Судијката на Окружниот суд во Марибор, Вања Кокол наложи Шишко (49) да биде пуштен од притвор денеска по шестмесечниот притвор, а времето проведено во притвор ќе му се пресмета во казната.
Судијката, образложувајќи ја пресудата наведе дека Шишко се обидел да го да го поткопа уставниот поредок на повеќе начини, вклучувајќи ги и заканите упатени кон тогашниот премиер Миро Церар во 2017 година, како и основање на паравоена формација „Штаерска гарда“ во септември 2018 година.
– Демократското општество не треба да се зема здраво за готово и може да биде загрозено. Затоа, мора да се постават јасни препреки за да се спречи поткопување на неговите темели – рече судијката.
Шишко, лидер на непарламентарното движење Обединета Словенија и Лесјак, поранешен член на опозициската Соловенечка демократска партија, беа уапсени во септември по објавувањето на видео снимка од воена вежба на таа паравоена група во шума во Словенија.
Двајцата тврдеа дека кампањата е само провокација со цел да се сврти вниманието на јавноста кон, како што велат, проблематичното функционирање на словенечката политика, мас-медиумите и безбедносниот систем.
Судијката заклучи дека намерата била ширење на идеи, кои Шишко ги пропагира со цел да привлече следбеници незадоволни од работата на Владата.