Очекувањата на граѓаните на Балканот од посетата на еврокомесарот Оливер Вархеи беа поголеми, особено во посилното искажување на намерите на Брисел за продолжување на процесот на проширување на Европската Унија
Посетата на еврокомесарот вархеи
без напредок
Неделава граѓаните на Балканот имаат можност да ја проследат новата дипломатска мисија на еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеи. Иако се очекуваше промоција на новата европска политика кон регионот, се чини првенствена цел на оваа балканска турнеја на Вархеи беше што подобра медиумска промоција на доделувањето на првата пратка со вакцини, која беше обезбедена од европската програма за имунизација на населението против ковид-19. Сосема очекувано, ако се знае дека ЕУ изгуби многу од довербата поради доцнењето на испораката на вакцините преку програмата „Ковакс“, а имунизацијата на граѓаните во земјите од Западен Балкан досега се одвиваше благодарение на донациите од Србија или други земји. Што се однесува до политичката агенда, посетата на Оливер Вархеи беше во рамките на вообичаената бриселска реторика, за тоа дека „ЕУ стои зад Западен Балкан“.
Меѓутоа, очекувањата на граѓаните беа поголеми, особено во посилното искажување на намерите на Брисел за продолжување на процесот на проширување на Европската Унија. Познато е дека процесот на преговорите со години стои во место и за Србија и за Црна Гора, кои, според оцените на Брисел, не направиле никаков напредок во однос на отворањето нови поглавја во преговорите со ЕУ. Состојбата е непроменета и во однос на Албанија и Македонија, кои предолго чекаат одобрување за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Тоа што недостига од последната посета на Вархеи е кои се решенијата што се нудат од Брисел за решавање на спорните прашања во Босна и Херцеговина, за промена на Уставот на земјата, како и за надминување на „историските разлики“ со Бугарија, во случајот со Македонија. Или, на пример, како да се спаси Црна Гора од финансискиот долг кон Кина и да се ослободи од нивното влијание во земјата, за што толку многу се залагаат од седиштето на европската политика.
– Стоиме покрај БиХ од почетокот на пандемијата. Ова е многу важен момент, кога почнуваме да помагаме во помасовна кампања за вакцинација во БиХ. Ние сакаме да помогнеме во обезбедувањето вакцини за здравствените работници што се на фронтот – рече еврокомесарот.
Тој најави дека другите дози ќе пристигнат следниот месец, додавајќи дека ЕУ ѝ обезбедила на БиХ повеќе од 200.000 дози вакцина преку механизмот на ЕУ.
Претседателот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, им се заблагодари на ЕУ за помошта на БиХ, на комесарот Вархеи, кој дојде лично да ги достави првите вакцини, како и на Австрија, преку која се спроведуваше набавката.
Во Црна Гора европскиот комесар порача дека ЕУ работи на пронаоѓање можно решение за проблемот што земјата го има околу отплатата на долгот кон Кина за изградба на автопатот, но додаде дека „ЕУ не може да ги плаќа заемите што ги зеле други“.
– Немаме право да ја разгледуваме финансиската состојба во земјата. Имаме комуникација со Владата на Црна Гора за тоа прашање – беше одговорот на Вархеи.
Еврокомесарот за проширување од Скопје ни порача дека „без напредок во спорот со Бугарија, Македонија не може да се надева на отворање на преговорите за пристапување во ЕУ“.
– Напорно работиме на случајот на Северна Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност – одговори еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на прашањето на новинарите дали е можно отворање на пристапните преговори во јуни и раздвојување на Македонија и Албанија.
За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеи рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.
– Ова е процес што се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија, мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји – рече Вархеи.
Тој подвлече дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо, а враќање во нормала значи постигнување договор помеѓу двете земји. Тоа значи закажување на првите меѓувладини конференции со Бугарија и со Македонија.
На вчерашната заедничка прес-конференција со премиерот Еди Рама, коментирајќи ги изборните резултати во Албанија, Вархеи рече дека целосен и функционален парламент е суштински и е услов за патот на земјата кон ЕУ.
– Ние сакаме да ги видиме сите нерегуларности, дури и купувањето гласови, за што ќе мора да почекаме за конечните резултати и новото собрание да започне со работа. Без целосен парламент, не може да се оди во ЕУ. Работата мора да се забрза не само од Владата туку и од Собранието, каде што секој мора да покаже работа, ги чекаме резултатите од апелот за да одиме напред – порача Вархеи при посетата на Тирана.