Купувањето преку интернет и натаму е недоволно регулирана област, а многу од потрошувачите од Хрватска се препуштени на немилосрдните трговци. Граѓаните не се запознаени со своите права и обврски при склучување купопродажен договор на далечина
Хрватска
За периодот на пандемијата на коронавирусот, хрватските потрошувачи сѐ повеќе ја користеле онлајн продажбата, но со тоа се изложиле и на зголемениот ризик од измами од сајбер-трговците. Купувањето преку интернет и натаму е недоволно регулирана област, а многу од потрошувачите од Хрватска се препуштени на немилосрдните трговци. Граѓаните не се запознаени со своите права и обврски при склучување купопродажен договор на далечина. Купувачите по електронското плаќање биле во неизвесност дали ќе го добијат производот што го порачале, а имало и случаи да добијат сосема друг производ со послаб квалитет. Но тоа е помалата штета, од можноста да им биде украден идентитетот или податоците од нивната кредитна картичка, пишува „Слободна Далмација“.
Се случува граѓаните да купуваат во веб-продавниците што користат некој странски односно еу-домен. По добивањето на производот, купувачот дознава за квалитетот на производот. Доколку е незадоволен и откако ќе се согласи да ги покрие трошоците за поштарина и да се врати производот во предвидениот рок, без наведување на причината за враќање, ќе се дознае дека сајбер-трговецот е од Бугарија или од Романија. Така, излегува дека трошоците за рекламација се поголеми од цената на самиот производ, како некоја маица или фустан.
– Затоа, пред да се одлучиме за онлајн продажба задолжително мора да ја провериме адресата на продавачот, иако тоа е тешко видливо. Купувачите мора да знаат дека кога купуваат надвор од деловните простории, имаат право да го вратат производот и право на поврат на парите. Доколку трговецот не ги упатил на правото на раскин на договорот, тоа право трае и подолго. Доколку сме уплатиле пари на некој што има само жиро-сметка, кој во реалниот свет не постои, тогаш не може да се направи многу за заштита на потрошувачот – вели Тања Поповиќ Филиповиќ, претседателка на Центарот за едукација и информирање на потрошувачите (ЦЕИП).
Граѓаните треба да бидат внимателни при онлајн купување на некој хит-производ. Најчестите измами се случуваат со облеката и модните додатоци. Купувачите се невнимателни затоа што се привлечени од цените што се неразумно пониски во однос на оригиналниот производ. Во такви случаи, веројатноста дека веб-трговецот е лажен е поголема. Или, пак, станува збор за производ што е фалсификат и кој не одговара на познатата марка, која потрошувачот сака да ја купи.
Поради скратување на грантовите, многу организации за заштита на потрошувачи прекинаа со својата активност во Хрватска. ЦЕИП е последната адреса за измамените потрошувач, која годинава забележа значаен пораст на трговијата преку интернет, за што зборуваат и поголемиот број поплаки и жалби од незадоволните граѓани.
Трговците сѐ почесто регистрираат само магацини за дистрибуција, но не и за дејност и на тој начин не се обврзни да ги преземаат вратените производи. Во Хрватска најмногу поплаки има за правата на патниците, аранжманите за патување и за сместување. Поради пандемијата имаше многу откажувања за авионските летови, музички настани и резервации за сместување, информираат во Европскиот потрошувачки центар. До нив сѐ уште не пристигнале жалби што се однесуваат за купувањата за божиќните празници, но тие се очекуваат во јануари и февруари.
Од Државниот инспекторат на Република Хрватска велат дека последните месеци примаат повеќе пријави од порано и упатуваат на правата на потрошувачите, кои можат да го раскинат договорот склучен на далечина во рок од 14 дена од денот кога го примиле производот, но за својата одлука мораат да го информираат трговецот.
За подобра заштита од измами при онлајн продажба, потребно е граѓаните да ги проверуваат податоците на продавачот, да користат познати страници и да ги следат коментарите на претходните купувачи, да ја ограничат сумата за плаќање од картички и да ги следат ХТТПС-протоколите за безбедно купување.