Косовските Албанци, во текот на многу години, не го спроведуваат договореното со Србија, постигнато со посредство на ЕУ, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по разговорите со српскиот колега Ивица Дачиќ.
– Русија секогаш се залага за целосна и безусловна имплементација на Резолуцијата 1244, поддржуваме активности кои ги презема Белград за да постигне целосна имплементација на овој основен документ од меѓународно-правен карактер, посочи Лавров.
– Ние го земаме предвид конструктивниот став на Белград за разговорите со Приштина со посредство на ЕУ, што не може да се каже за позицијата на косовските Албанци. Тие не ги исполнуваат овие ангажмани кои беа постигнати пред многу години. Ние веруваме дека ЕУ мора целосно да ја сфати својата одговорност за ваквата ситуација и да се обиде да ја спроведе споменатата резолуција на Советот за безбедност на ОН, рече Лавров.
– Решение за Косово е невозможно да се најде без поддршка од Русија, рече српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, по разговорите со Лавров.
– Ние сакаме и ќе бидеме во тесен дијалог и контакт со Руската Федерација, со претседателот Владимир Путин, со министерот Сергеј Лавров, бидејќи сметаме дека без поддршка на Русија е невозможно да се постигне какво и да било решение за Косово, посочи Дачиќ.
Тој рече дека самиот тој, како и претседателот Александар Вучиќ, редовно го информираат руското раководство за дијалогот со Приштина. Дачиќ се пожали дека некои западни земји ја менуваат сопствената позиција во врска со прашањето за признавање и дијалог со Косово.