Пет дена едноподруго, Хрватска бележи рекорден број на нови случаи на коронавирус. Поради тоа од вчера на полноќ стапуваат во сила нови епидемиолошки мерки, кои вклучуваат ограничување на собирите, забрана за продажба на алкохолни пијалаци во текот на ноќта, задолжително физичко растојание, пишува „Јутарњи лист“. Во таа насока хрватскиот вицепремиер и шеф на националниот штаб за цивилна заштита, Давор Божиновиќ, најави дека новите мерки ќе бидат во сила 14 дена, по што ќе бидат преоценувани.
– Одлуката за неопходните епидемиолошки мерки ги ограничува собирите. Сакам да нагласам дека поминуваме одредба што пропишува строга мерка на физичко растојание, избегнувајќи близок контакт на растојание од најмалку два метра во затворен простор и 1,5 метар на отворено – изјави Божиновиќ. Тој додал дека сите јавни настани и собири со над 50 лица ќе бидат забранети, објави порталот „Индекс“.
Божиновиќ прецизирал дека на свадби, како и на погреби, може да има најмногу 30 лица, а на други приватни церемонии и собири најмногу 15 лица. Како што додава, спортските натпревари ќе бидат без публика. Во меѓувреме и во другите балкански земји се влошува состојбата со борбата против ковид-19. Во последните 24 часа во Словенија се потврдени нови 1.113 случаи на инфекција со коронавирусот, а седум лица починале како резултат на ковид-19, соопшти вчера словенечката влада.
Како што пренесува агенцијата „Хина“, во земјата се проценува дека продолжува многу критичниот период на епидемијата, поради што Словенија е „затворена“ најмалку седум дена од саботата, од денес ќе биде воведена забрана за движење надвор од областа на матичните општини. Со новите инфекции, бројот на вкупно потврдени инфекции се зголеми на 24.063 од почетокот на епидемијата, од кои 15.230 се активни случаи, а 14-дневната инциденца на инфекцијата е зголемена на 727 на 100.000 жители, објави Министерството за здравство.