Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со косовскиот претседател Хашим Тачи ја потврдил подготвеноста на Москва да го поддржи договорот меѓу Белград и Приштина, во случај да биде постигнат, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој потврди дека Владимир Путин и Хашим Тачи кратко разговарале на маргините на церемонијата по повод 100-годишнината од крајот на Првата светска војна, што се одржа во Париз на 11-ти ноември.
– Путин ја истакна потребата Косово да постигне консензус со Србија. Тој рече дека сме подготвени да го поддржиме договорот што ќе го гарантираат страните, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ ова им го изјави на новинарите, коментирајќи го твитот што претходно го објави Тачи, а во кој наведува дека во Париз, на централната манифестација на одбележувањето на крајот на Големата војна, се состанал со Путин, од кого, како што напиша, добил поддршка за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
Песков додаде дека рускиот претседател се сретнал и со други лидери во Париз.