Во новите геополитички односи меѓу Западот и Истокот се води „тивка“ војна за превласт на Балканот. Додека Русија и Кина за време на пандемијата понудија видлива помош преку вакцините против коронавирусот, главниот фокус на европската агенда е да се уверат населението и политичарите на Балканот дека ЕУ е подобра во економскиот напредок, човековите права и слободи, безбедноста и стабилноста, сметаат аналитичарите
Европската Унија не отстапува од тоа да ги поддржи економското и демократското преуредување на Западен Балкан, преку воспоставување на европскиот систем на вредности, а со тоа ќе докаже дека е подготвена да ги решава проблемите во „својот двор“ и да ја зацврсти стабилноста во Европа. Главниот фокус на европската агенда за регионот е преку видливи резултати да се уверат населението и политичарите на Балканот дека Европската Унија е подобра во економскиот напредок, човековите права и слободи, безбедноста и стабилноста и може многу повеќе да им понуди на народите од Западен Балкан отколку што тоа можат да го сторат Кина и Русија, проценуваат аналитичарите и дипломатите во Брисел.
За новиот европски поглед на Балканот, пишува и францускиот весник „Фигаро“, низ погледот на улогата на Србија за време на пандемијата. „Србија, која е мала земја на границата на Европската Унија, води екуменска политика со вакцините што им ги дели на соседите“, забележува „Фигаро“, додека аналитичарите и европските дипломати во Брисел сметаат дека меѓународната политика на Белград „се наоѓа меѓу вкрстен оган на новата студена војна“, меѓу Западот и на другата страна Кина и Русија. Во анализата на францускиот весник се посочува на фактот на создавање нови блокови, иако владејачките кругови во Унијата сѐ уште не сакаат јавно да го прифатат тоа.
Неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за кандидирање за членство во ЕУ, за Србија нема правна сила, но факт е дека во тој документ понагласено се повикуваат властите во Белград да се приклонат на политиката и санкциите на Унијата против Русија и Кина.
Сите медиуми и аналитички центри во ЕУ ја делат оцената дека тргнала голема стратегиска, индустриско-технолошка, трговска, па и геополитичка битка пред сѐ меѓу САД, предводена од Џо Бајден, и сѐ помоќната Кина, пренесува „Данас“.
Администрацијата на Бајден за своја цел има поставено и создавање „сојуз на демократии“, против авторитарните режими во светот, и тоа врз основа на јакнење и ширење на човековите права, западните модели на демократија и слободен пазар, Вашингтон заедно со своите блиски политички кругови и влади во Унијата тргна во битка против „системскиот противник“ Кина, но и Русија, која е прогласена за противник, но и непријател на самата граница на европските партнери во НАТО. Новите насоки на Бајден треба да ги засилат атлантското воено сојузништво и водечкото влијание на САД, а како чувствително подрачје се вклучува и Западен Балкан. За тоа сведочи и големото ангажирање на Американците и Европејците за промена на власта во Македонија, особено пред влегувањето на земјата во НАТО, сѐ поголемата „загриженост“ на Западот за случувањата во Црна Гора, како и постоење планови за да се „заврши недовршената работа“ во Босна и Херцеговина и подотворањето на вратата во НАТО.
Дипломатите и аналитичарите во истражувачките центри во ЕУ се согласни во оцената за враќање на глобалната превласт на Америка и Западот, што едноставно не е можно поради јакнењето на новите економски и воени сили во светот, но и економско-финансиската криза што го погоди Западот пред неколку години, хаотичното решавање на пандемијата на коронавирусот и погубната политика на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
– Тешката криза како сегашната предизвикана од пандемијата ги јакне централизираните власти, бидејќи тоа почесто е единствен облик во кој општествата можат да преживеат. Тоа што повеќе не може да биде како порано, е превласта на економската моќ и политичката привлечност на либералните форми во односите на претежно авторитарните модели кога станува збор за раководење на општествените заедници. Тешко е да им се одземе власта на оние што ја натрупале во текот на кризата, а тоа им дава основа на водачите да тврдат дека благодарение на нивната способност и мудрост е избегната голема катастрофа – вели Бранко Милановиќ, професор на Њујоршкиот универзитет.
За намерите на Русија на Балканот доволно говори изјавата на рускиот амбасадор во Белград, Александар Харченко, кој смета дека „стратегиското партнерство со Србија, без какво било претерување, има космичка перспектива“.
– Се надевам дека во најскоро време со српските пријатели ќе воспоставиме соработка во истражување и користење на просторот во мирни цели и ќе постигнеме конкретни резултати во оваа сфера – напиша Харченко, во авторскиот текст објавен во „Политика“, кој беше објавен на денот, кога пред 60 години беше остварен првиот лет во вселената од советскиот астронаут и пилот Јуриј Гагарин.
Рускиот дипломат нагласува дека досегашната добра соработка меѓу Русија и Србија сѐ повеќе добива иновативна димензија, како што е производството на вакцината „Спутник V“ во белградскиот институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“. На дневен ред е и изградба на централа за нуклеарна наука, технологија и иновации во Србија, во која ќе се произведуваат други фармацевтски препарати, пишува „Данас“.